Псамтик Први (кој владеел со Египет од 664-610 п.н.е.) наводно направил еден од најраните јазички експерименти - му дал две бебиња на овчар со упатства да ги одгледа во изолација, само хранејќи ги но без да ги изложува на човечки говор. Целта била преку нивно набљудување да се утврди кој бил најстариот народ, Еѓипјаните или Фригијците. Децата според негова претпоставка требало по некое време самите од себе да почнат да зборуваат еден од овие јазици. Според легендата, кога тие по некое време биле донесени пред Псамтик, ги кренале рацете и почнале да викаат „бекос“, фригијски за леб. Ова го опишува Херодот, и иако станува збор за предание, сепак ја отсликува нашата фасцинација со потеклото на јазикот воопшто.
Друг експеримент бил спроведен од кралот Фредерик Втори од Сицилија, а опишан од францисканскиот монах Салимбен во 13 век. Тој ангажирал дадилки кои доеле и се грижеле за неколку деца, но кои никако не смееле да им зборуваат. Сакал да види дали тие најпрвин ќе прозборат хебрејски, старогрчки, латински или арапски, или ќе го наследат јазикот на своите биолошки родители со кои никогаш се немале видено. Но според монахот експериментот не успеал бидејќи „децата не можеле да живеат без да плескаат со рацете, да прават гестови и да се изразуваат на други начини“, што според него претставувало измислување на сопствен, детски јазик на местото на оној на возрасните.
Претходно пишувавме за уште еден, поекстремен пример за сличен јазички експеримент, спроведен од шкотскиот крал Џејмс Четврти. Во 1493 кралот наредил две новороденчиња да бидат испратени да живеат на изолираниот остров Инкит (Inchkeith) близу Единбург, познат по тоа што служел како карантин за болни од сифилис, и да бидат одгледани од глувонема жена, што значи да не бидат во состојба да комуницираат со никого на говорен јазик. Неговата идеја била да види дали и како ќе прозборат децата во отсуство на какво и да е јазичко влијание, верувајќи дека ако таков јазик се развие тој ќе мора да биде оној дадениот од Бога, најпрвиот и оригиналниот. И наводно тие прозбореле - хебрејски.
Освен очигледните етички прашања кои ги покренуваат ваквите „студии“, документи за нив нема, освен записи од луѓе кои само слушнале за нив. Во модерни времиња намерната изолација на бебиња заради задоволување на научната љубопитност очигледно веќе не е опција, но „природни експерименти“, кои резултираат од необични па и трагични околности и понатаму обезбедуваат податоци за нашиот вроден капацитет за јазик. А тие велат дека неизложеноста на говор од мали нозе создава потешкотии за зборување на кој и да е јазик, понекогаш и години подоцна. Овие деца генерално не развиваат силни јазички способности, и ова е користено како доказ за тн. „хипотеза на критичниот период“ - идеја дека целосното совладување на одреден јазик е тешко па дури и невозможно по одредена возраст. Сепак, во овие случаи е тешко да се одделат ефектите на екстремната социјална изолација и недостатокот на лингвистичко влијание.