Од сите шкотски кралеви, Џејмс IV е запомнет како вистински ренесансен човек: одлично образован, љубопитен, тој бил длабоко навлезен во историјата, уметноста и книжевноста, а се интересирал и за развојот на медицината и воопшто за научно просветлување. Во текот на неговото владеење станал мецена на голем број шкотски писатели и бардови, проучувал стоматологија и хирургија, ги лиценцирал првите печатени дела во Шкотска и финансирал неколку дворски алхемичари и аптекари да вршат експерименти под негов надзор.
Сепак, од сите негови интелектуални интереси, љубовта кон јазикот била најголема. Освен стар шкотски и англиски одлично ги познавал латинскиот, францускиот, германскиот, италијанскиот, холандскиот, фламанскиот и шпанскиот. Токму ваквите познавања комбинирани со неговиот генерално креативен дух довеле до необичен експеримент.
Имено, во 1493 кралот наредил две новороденчиња да бидат испратени да живеат на изолираниот остров Инкит (Inchkeith) близу Единбург, познат по тоа што служел како карантин за болни од сифилис, и да бидат одгледани од глувонема жена, што значи да не бидат во состојба да комуницираат со никого на говорен јазик.
Неговата идеја била да види дали и како ќе прозборат децата во отсуство на какво и да е јазичко влијание, верувајќи дека ако таков јазик се развие тој ќе мора да биде оној дадениот од Бога, најпрвиот и оригиналниот.
Вакви експерименти додуша биле правени и порано - еден од најстарите е регистриран кај Херодот во 7-иот век п.н.е. кој напишал дека египетскиот фараон Псамтик I испратил две деца да живеат со овчар во еден од најзиолираните делови од неговото кралство, со услов никогаш да не им се зборува. Според Херодот децата постојано го изговарале зборот бекос, древно фригијски збор кој значи „леб“, што довело до тоа Псамтик да заклучи дека Фригија, а не Египет, е најстарата цивилизација на човештвото.
Слични експерименти биле вршени и од страна на римскиот император Фредерик Втори и индијскиот цар од 16 век Акбар. Дали овој на шкотскиот крал навистина се случил или е повеќе легенда, тоа не е баш јасно. Но историчарот Роберт Линдси од 16 век го вклучил во неговата „Историја и приказни од Шкотска“, напишана 100 години по обидот на Џемјс. Таму се наведени името на островот, глувата жена и двете деца, кои оставени сами на себе наводно почнале да зборуваат - хебрејски. Додуша авторот се оградува од ваквиот епилог, велејќи: „Ова не го тврдам јас, само сум слушнал од други“.