„Исус наспроти Сатаната: потеклото на коронавирусот“ и „Воена вирална апокалипса: биолошко војување, био-оружја и пандемијата на кинескиот коронавирус“ се помеѓу насловите кои осамнаа на Амазон. Некои од нив се од анонимни автори, други се потпишани, но заедничко за сите нив е што се кратки, вклучуваат теории на заговор, но и наводно корисни информации за заштита од вирусот.
Изјавата на Амазон дека со ова овозможува различни гледишта на актуелниот проблем станува контроверзна ако се знае дека, на пример, книгата за биолошката војна се продава во категоријата „медицина“. Другите се распределeни во категории како „наука и математика“ или „медицински е-книги“, додека книгите за врската помеѓу нечастивиот и коронавирусот се во жанрот „религија и духовност“.
Кога од Бизнис инсајдер, кој ја објави веста, се обратиле до портпаролот на Амазон за коментар, тој ги упатил на Правилникот за содржини на сајтот според кој само порнографски „и друг вид несоодветни содржини“ не се дозволени.
Уште еден памфлет (38 страници) под наслов „Коронавирусот оди на суви места“, објавен на 14 февруари 2020, од извесна Кадеша Хенри, тврди дека „само еден човек го има лекот“ и дека „прашањето е само дали медицинските експерти и владите ќе го обелоденат неговото свето име, и ќе трагаат по него за да го добијат лекот“. Според нејзината биографија Хенри е „ментор и детски црковен учител“.
Помеѓу овие сомнителни книги за вирусот на Амазон има и детски. Меѓу нив е „Ќе си добиеш коронавирус затоа што не ги миеш рацете“ од Бред Гос, „аматерски професионален комичар“. Книгата има 24 страници, се води како хумористична фикција, а во описот се вели „Ти си виновен што се разболе. Никогаш не слушаш, ти мал неранимајко“.