Насловот на изложбата е „Сè може да помине" (Anything Goes), и таа била составувана од 69 деца на возраст помеѓу 6 и 14 години. Подготовката траела 6 месеци, а децата кои учествувале не биле посебно селектирани, туку биле оние кои први одговориле на повикот за пријавување на музејот. Тие минувале по четири часа неделно правејќи ја изложбата, од поставувањето на темата, преку дизајнирање на изгледот, како и создавањето на аудио водичите и промотивните материјали.
Музејот, инаку познат по големата збирка древна и модерна уметност, на официјалниот сајт вели дека голем број од делата кои децата ги одбрале од музејските депоа никогаш претходно не биле прикажани. Децата притоа велеле дека ги „ослободуваат" предметите од магацините, а бидејќи имале целосна слобода да одберат што да прикажат, изложбата спојува предмети на понекогаш чудни начини.
„Сè може да помине" се состои од шест дела: шума целосно посветена на животни во која истовремено има и мумии и уметност од 20 век; „Танцот на минотаурот", дел којшто е дизајниран како лавиринт кој вклучува детска интерпретација на митот; „Соба со духови" во која се наоѓаат највознемирувачките и морничави предмети од збирките; „Играјќи го херојот" која вклучува 32 херои избрани од децата со мултимедијски крстозбор дизајниран од нив; „Ковчег со богатство" каде се изложени скапоцени камења и други вредни предмети; и „Промени" која спојува мода со уметност и ги поттикнува посетителите самите да пробаат стари облеки.
Изложбата ќе трае до 8 мај, и тоа не е прва изложба организирана од деца - едно деветгодишно дете во 2013 беше одбрано да организира изложба на диносауруси во Музејот на природа и наука во Денвер. Сепак, обемот на оваа изложба и слободата која ја имале децата се многу поголеми од што и да е што било направено до сега.
Ништо против вапцањето јајца и ткаењето на разбој што го прават децата по нашите музеи, ама малку свеж воздух во музејските депоа и изложбени сали не би бил на одмет. Одговорните и вработените нека го разбудат детето во себе - тогаш музеите нема да бидат само место на восочни фигури.