Музејот што испраќа дела од својата колекција преку СМС

Испраќаш порака до нашиот Музеј на современа уметност со клучни зборови „жешко лето“, а тие ти испраќаат слика од „Капачките“, серија скулптури на Анета Светиева. Епа истото тоа, ама во Сан Франциско. 

Музејот на модерна уметност на Сан Франциско неодамна воведе нова услуга, наречена „Испрати ми“. Преку текстуална порака може да испратите краток опис на она што би сакале да го видите, а Музејот ви одговара со слика од својата колекција која е најблиску до вашето барање.

На бројот на Музејот можат да се испратат клучни зборови, име на автор или наслов на дело, боја, па дури и емоџи, а за возврат добивате слика на уметничко дело од колекцијата и придружна порака. На пример, одговорот на „Испрати ми океан“ може да е фотографијата под наслов „Ударен бран, Голден Гејт“ на Пиркл Џоунс, на „испрати ми нешто сино“ „Епонж“ од Ив Клајн, а на „испрати ми 💐' (емоџи за букет) „Внатрешен дијалог со Фрида Кало“ од Јасумаса Моримура (горе).

Целта на Музејот е да ги стави на увид сите 34.678 уметнички дела од својата колекција, а не само 5-те проценти кои се изложени во галериите во даден момент.

Според реакциите на оние кои ја пробале финтата ботот на Музејот е навистина креативен. Кој знае што испраќа ако му пишеш „испрати ми литро кочан ладна боза-боровница“.

 

11 јули 2017 - 15:33