Колнењето и пцуењето се веројатно исто толку стари колку и самиот јазик, а нивната раширеност, која може да се нарече и универзална, ѝ се припишува на магичната моќ на користење „тешки“ зборови.
Токму на овој феномен се однесува нова изложба „Идиот! Молња! Од фараоновата клетва до говор на омраза“ во Музејот на комуникација во Берлин, која се отвори на 16 февруари а ќе трае до 25 јуни.
Почетната точка за кураторите била легендата поврзана со откритието на гробницата на Тутанкамон од страна на британскиот египтолог Хауард Картер. Тоа предизвикало огромно медиумско внимание, особено откако покровителот на Картер, Војводата од Карнавон, починал среде процесот на ископување. Неговата смрт ја поттикнало легендата дека гробот е проколнат, што за оние кои верувале во неа само се потврдувала со секој нов смртен случај во тимот. Лути мумии кои шетаат наоколу и ги убиваат оние кои им го нарушиле мирот и претходно биле чести ликови во хорор приказни од 19 век, па оттаму верувањата за гробот на Тутанкамон само се надоврзале на нив.
Без оглед на суеверијата поврзани со конкретната тема, во египетскиот сигурно и тогаш имало клетви и пцовки, иако историските документи не зборуваат за нив. Градителите на пирамиди не ги исклесале во огромните блокови камења, или барем се уште не знаеме за тоа. Но има докази за кралски клетви кои се фрлале врз непријателите. На пример, изложбата вклучува модерни апостолки дизајнирани според позлатените кожни сандали од гробот на Тутанкамон. На површината кај стапалото се насликани заробени непријатели кои биле нагазувани со секој направен чекор - начин за нивно магично проколнување.
Пцовките и клетвите во сите култури имаат врска со табуата и вклучуваат телесни процеси, спомнување роднини и споредби со животни. Така, во Јапонија „горила“ се користи за човек кој има излив на бес. Кинезите за некој кој доаѓа од лошо семејство велат дека е „јајце од желка“. „Магаре“ на Балканот означува глупав и тврдоглав табиет.
Пцуењето и навредите активираат посебен дел од мозокот. Рационалните дискусии се процесираат во левата хемисфера, додека пцовките ја активираат десната, која е одговорна за емоции. „Тоа е нешто што не можеме да го потиснеме, затоа што е неволев тип на изразување. Мозокот прави нешто а ние не можеме да влијаеме врз тоа“, вели историчарот Ролф-Бернард Есиг, кој е куратор на изложбата. Ова можеби го објаснува недостатокот на самоконтрола во секојдневниот живот но и на социјалните мрежи, кога една пцовка предизвикува лавина следни.
Дали говорот на омраза е нова димензија на навредување? Есиг вели дека содржината сепак е истата со векови - ако ги погледнеме навредите од 16 век, на пример, тие знаеле да бидат дури и погадни и покреативни од оние денешните. Разликата е што сета тие се шират неверојатно брзо, а со оглед на тоа што веќе не се ограничени на интимниот круг на двајца-тројца што се расправаат, нивниот интензивен ефект е непредвидлив како и клетвата на Тутанкамон.