Мистериозното киднапирање на најстарата поп ѕвезда на светот

Нов филм го истражува исчезнувањето на Би Кидуде, 102- годишната источно-африканска пејачка, позната по рапавиот глас, палавата смисла за хумор и љубовта кон цигарите.

Фатима битни Барака, родена во Занзибар во 1910, е позната и како Би Кидуде или „кралица на тарааб и унјаго музиката". Нејзиниот талент бил забележан уште кога била дете, кога пеела на локални настани, но и на обреди за иницијација поврзани со традиционалната медицина.

Кога на 13 години сакале присилно да ја омажат, избегала од Занзибар во Танзанија, и пеш ја минала целата земја, пеејќи со египетски тарааб групи (музичка традиција популарна во Танзанија и Кенија, со силни арапски влијанија). Во 1940-тите се вратила во Занзибар и имала активна улога во движењето „унјаго" кое ги подготвувало девојките од народот Свахили за премин низ пубертетот, до статусот на жени, а во кој спаѓало нивно обучување да го задоволат мажот, но и да се заштитат од сексуално малтретирање и од опресија.

Нејзиниот живот е опишан во документарецот „Стара како мојот јазик - митот и животот на Би Кидудед" на режисерот Енди Џонс од 2006. Тој загубил контакт со неа после снимањето на филмот, до моментот кога во 2012 пријатели од Занзибар не му јавиле дека таа исчезнала.

Веднаш се фатил за камера и се вратил во земјата за да ја документира потрагата по славната пејачка. Филмот кој произлегол од ова, „Ја застрелав Би Кидуде", ја следи трагата на нејзинот киднапер, човек по име Барака кој се преставувал како нејзин „внук", а кој ја држел Кидуде во неговата куќа за наводно да ја прекине „целата таа експлоатација на нејзиниот музички талент".

Иако ваквите тврдења никогаш не се расчистени, она што станува јасно во филмот е дека Кидуде била под постојан притисок на нејзини роднини и соседи кои од неа барале „заеми". Откако во 2005 ја добила наградата Вомекс како „културен медијатор и советник на младите генерации, симбол на еманципаторската и ослободувачката моќ на светската музика", што значело и нешто пари, на нејзината врата постојано имало луѓе со различни итни потреби. Нејзиниот менаџер Јусуф Махмуд се сеќава дека во еден момент таа имала 3-4000 долари (што за таа средина е многу пари), а веќе по неколку дена раздавајќи ги останала без ништо.

Музиката, а не парите, била нејзиниот живот. Во едно од последните интервјуа таа вели: „Музиката ми е сè. Ако престанам да пејам, како ќе преживеам". Починала неколу месеци подоцна, во април 2013.

Tрејлер за новиот документарец:

 

16 јуни 2016 - 07:43