Kрај на 1920-тите. Четворица браќа Мајкл, Даниел, Џим и Педи Леј, заморени од работа за мали пари како дрвосечачи или градежни работници, решаваат да заминат за територија на која на тогашните мапи пишува „неистражена“. Таа се наоѓа во внатрешноста на Папуа Нова Гвинеја, каде живее народот Ангу, исто така наречен Кука-Кука, мала и претходно насилна група, чиј јазик и наречја денес се речиси истребени.
Во филмот од 1983, номиниран за Оскар за најдобар документарец на режисерите Боб Коноли и Робин Андерсон, низ архивски снимки, фотографии и интервјуа со тогаш се уште живите браќа Дени и Џим, се раскажува приказната за првиот контакт на белиот човек со спомнатото население. Тој содржи изјави на луѓе кои тогаш, во 1930-тите, биле деца, но се уште се сеќаваат на доаѓањето на браќата со нивната придружба и чудењето кои се тие, и што воопшто бараат тука.
Теоријата која ја има племето е дека белите луѓе се духовите на нивните предци, „инкарнирани“ во други тела а обелени бидејќи се мртовци. Фактот што овие биле крајно заинтересирани да црпат нешто од реките со чинивчиња и детално да ја проучуваат содржината на калта, за нив значело дека тие си ги бараат сопствените коски, поради начинот на погребувањето - откако телата ќе иструлеле коските биле фрлани во водата.
Ова објаснува зошто народот инаку познат по агресивноста со околните племиња, па дури и меѓу себе, со белците бил мирољубив, дури и премногу гостопримлив - членовите на племето буквално ги затрупувале со шеќерна трска, прасиња и дарови особено кога почнале за нив да добиваат и мали подароци во форма на школки, секиричиња и сл. Барани биле дури и лимените конзерви од месен нарезок (фото долу), кои биле користени за потпала на оган (како мали огледалца), но и за украсување на телото. Жените особено се грабале за пластична кукла која некако се нашла во багажот на белците, а кои подоцна им давале и други подароци за сексуални услуги.
Но најинтересен е коментарот на еден од Папуанците, за вистинската природа на белците:
„Најпрвин, кога ги видовме сите такви бледи, мислевме дека се духови на нашите предци кои дошле од онаа страна да ни донесат некаква порака. Но еднаш забележавме еден од нив како врши голема нужда. Почекавме да се тргне и пристапивме кон изметот. Мислевме дека ќе видиме нешто посебно, но тоа смрдеше исто како и нашето. Тогаш сфативме дека и тие се луѓе, исто како нас“.
Анегдотата е некаде на 18-тата минута од филмот, тука поделен на два дела. По него следеле уште два, со тоа што во вториот се обработува приказната на Џон Леј, синот на водачот на експедицијата Мајкл, кој тој го имал со една Папуанка.