„Неговата идеја за добар ден вклучуваше пиштоли, мотори, импровизирани бомби и кутивчиња со рекреативни дроги поделени во кутивчиња со различни бои. Ова само како надоврзување на вискито и кокаинот со кои почнуваше уште од појадок, само за да си го стабилизира расположението", пишува Хуан Ф. Томпсон во книгата.
Генералниот впечаток од неговите спомени е дека тој бил преплашен од татко му, со кого имал мрачен и тежок однос. Хуан бил единственото дете во семејството, роден 1964, а растен главно на фармата во Вуди Крик којашто ја купиле неговите. Во тоа време целата област била сметана за елитен хипи рај. Иако родителите кои живееле таму го сакале истото за нивните деца како и повеќето други родители - добро училиште и воспитување - тие добри намери биле измешани со гламурозен, антиконформистички и алкохолизиран начин на живот.
Хуан го опишува однесувањето на татко му како тој да е лик од страшна бајка - ако не дај боже го разбудел среде ден (а токму тогаш спиел стариот) тој влегувал во собата на син му „како огромен и грозен џин или воин од викиншките легенди", пцуејќи и викајќи. „Се чувствував како да стојам на патот на фрлач на пламен, и се криев како куче".
Семејството никогаш не јадело заедно, а Хантер не се појавувал на значајни моменти како училишни концерти или родендени. Единствениот момент на дружење им бил кога заедно ги чистеле пушките или палеле огнови. Најлошо било кога неговите се разведувале, и тоа по серија домашни кавги. Критичарот на Њујорк Тајмс вели дека оттаму книгата има пренагласен терапевтски тон, опишувајќи низ што сè поминал авторот борејќи се со депресијата. Дури и кога се обидел сопствениот син да го запознае со дедото, овој пак не покажал некоја голема љубезност. „Заќути копиле!" му се изразвикал на внукот, кога овој џагорел додека се гледал натпревар на ТВ.
Без оглед на сè, Хуан бил до татко му до крајот на животот, и му помагал кога здравјето му било сериозно нарушено. Бил во куќата и кога тој си го одзел животот, на 67 години. Неговиот конечен истрел бил хируршки прецизен. „Имаше малку крв, скоро и да не мораше да се чисти", ја заокружува приказната синот на харизматичниот, но тежок родител, кој бил изненаден и задоволен што барем неговиот син пораснал во нормален човек.