Една од ударните вести викендов беше интервјуто на Шон Пен со Ел Чапо, направено во октомври минатата година, а објавено во саботата во Ролинг Стоун (целото интервју со видео тука). Додека странските медиуми повеќе ги интересираше содржината на она што имал да го изјави нарко-баронот, особено воочи неговата можна екстрадиција во САД, нашите главно го претставија Пен како заслужен за неговото фаќање (иако не е баш јасно дали е тоа така). Нас пак не нè интересира ни едното ни другото, туку трето - Шон Пен во улога на „гонзо" новинар и можните етички последици од неговиот пристап.
„28 септември 2015. Главата ми бучи, користејќи телефони за една употреба, за еден контакт, по еден дневно, кои потоа ги уништувам, палам...Ова е хорор за единствениот преостанат технолошки неписмен човек на Земјата. На 55 години, никогаш не научив да користам лаптоп".
Вака почнува текстот на Шон Пен, кој е многу повеќе од (само) интервју со озлогласениот Жоакин „Ел Чапо" Гузман. Некои од коментаторите текстот опишаа како „гонзо" новинарство, заради тоа што и тука авторот е дел од приказната, пишува во прво лице еднина, а во текстот не му е толку важна сува „објективност" во прикажувањето на некакви (проверливи) факти, туку комбинација на општествена критика, нарација и (авто)сатира.
Но во пристапот на Пен има и еден детал за којшто новинарите, оние професионалните, скокнаа на нозе веднаш по објавувањето на интервјуто. Тоа е забелешката во воведот: „Некои имиња мораа да бидат променети, некои локации да не бидат именувани, а со субјектот беше постигнат договор да го одобри текстот пред објавување. Тој сепак не побара никакви промени".
И покрај последната реченица, дека Ел Чапо не цензурирал ниту сменил нешто во текстот, на новинарите не им се допадна фактот што некој (и тоа во случајов озлогласен криминалец) има, или може да има, моќ да менува новинарска статија и потенцијално да ја претвори во автопропаганда.
„Не мислам дека вредело Ролинг Стоун да му даде уредничка контрола на убиец за Шон Пен да си пишува дневник", беше реакцијата на Твитер на Џамил Смит, уредник во Њу Репаблик. Ник Билтон од Њујорк Тајмс беше уште поостар - „Иднината на новинарството е славна личност која работи бесплатно, и субјект кој го одобрува текстот којшто таа го напишала".
Протолкувано на овој начин интервјуто, и покрај тоа што содржи интересни изјави на Ел Чапо во врска со неговиот живот и криминално дело, никогаш не требало да се случи. Вака излегува дека престижно списание од типот на Ролинг Стоун станува негов форум, а дека Пен е негов ПР агент.
И навистина, има места во текстот во кои авторот е полн разбирање за Чапо а остар кон политиката на мексиканската, но и на американската влада во тн. „војна против дрогата". Тој го претставува својот главен лик како „студен прагматичар", познат по тоа што со истрел во главата ги казнува дури и најмалите грешки во дистрибуцијата на робата, но истовремено и како робинхудовска фигура, затоа што ја обезбедувал неопходната помош за населението во изолираните планини на Синалоа (помеѓу Калифорнискиот залив и подножјето на Сиера Мадре со околу 3 милиони жители), од храна и патишта до лекови, со што станал митска фигура во мексиканскиот фолклор. Ел Чапо е прво бизнисмен, а насилник само доколку тоа оди во прилог на неговите деловни интереси, тој е „несомнен уличен гение, но истовремено и понизен, рурален Мексиканец, чија перцепција за сопственото место во светот е слика на културолошките разлики". Со еден збор човекот според Пен е - срцка.
Случајот потсетува на оној кога во 1998 новинарот на Еј-би-си њуз, Џон Милер го интервјуираше Осама Бин Ладен. Во 2008 тој сведочеше на судењето на поранешниот возач на Ладен, а потоа стана портпарол на FBI. Во случајот со Пен, тој е сега (наводно) под истрага на мексиканските органи, а истото важи и за мексиканската актерка Кејт дел Кастиљо, која му ја овозможила средбата и преведувала. Зошто случајот на првиот се толкува како „легитимна новинарска задача која обезбедува одредена законска заштита", а на другиот како „славна личност-идеалист во опасност да оправдува убиец-шверцер на дрога", тоа не ни стана баш најјасно. Можеби новинарите се само завидливи што „некојси актер", а не тие - професионалците, добил пристап до ваков соговорник? Кој пак од медиумите реално би одбил ваков текст, знаејќи колку ќе биде читан? Марко Рубио, републиканскиот кандидат за претседател, го срочи тоа вака:
„Ако некој од американските актери кои профитирале од големината на оваа земја и кои заработиле од нашиот слободен пазарен систем, сакаат да се гребат за внимание преку некој криминалец, тој има уставно право да го направи тоа. Но за мене ова е гротеска".