
Во американски контекст, во политичкиот жаргон доминираат метафори од бејзбол, кошарка и американски фудбал – кандидатите „се подготвуваат за последната рунда“ или да направат „хоум ран“ со добар говор. Коментарите на изборните конвенции често звучат како спортски преноси, со аналитичари што оценуваат „дали топката е фрлена повисоко“ и публика што скандира како да е на стадион (а понекогаш и навистина е). Дури и весниците ја преземаат таа терминологија, опишувајќи политички потези како тактички игри или ризични спортски стратегии.
Во Велика Британија и други англофонски земји се користат локални спортски слики: крикет во Британија, рагби во Австралија, хокеј во Канада. Сепак, најсилно спортскиот говор се изразува во американската претседателска политика, каде секој настап, говор или дебата се мери како спортски резултат.
Кај нас, при секои избори доминира терминот „трка“, што е истовремено спортска метафора, но асоцира и на потребна кондиција и брзина. Така, медиумските наслови велат дека „само 10% жени учествуваат во локалната трка“ или дека децата стануваат политички „реквизит“, со додавка - „политичка трка без срам и граници“.
Овој јазик на „игра“ и „натпревар“ влијае на тоа како се доживува политиката – како борба, а не како чин на свесно и информирано донесување одлука (без брзање). Новинарството често се претвора во „коњска трка“: наместо анализи на политики и идеи, вниманието се насочува кон тоа кој моментално води и кој ќе победи.
Иако некои новинари се трудат да ги објаснат програмите и визиите на кандидатите, публиката, навикната на спектакл, повеќе ја привлекуваат „игрите на моќта“. Така медиумите се наградени кога ја прикажуваат политиката како натпревар, а не како јавна расправа.
Некои мислители, потсетувајќи на Џорџ Орвел, предупредуваат дека ваквото јазично извитоперување ги заматува мислите и ја осиромашува јавната дебата. Според Орвел, првиот чекор кон политичко обновување е јасното мислење и прецизниот јазик. По годините на груба реторика и поделби, можеби токму промена на начинот на кој зборуваме за политиката – ослободување од спортските и борбени метафори – може да биде почеток на нејзиното заздравување.