Пролет е, па прашањето околу загаденоста на воздухот не е баш актуелно. До првите есенски магли и астми кои ќе нè потсетат како стојат работите. А што ако е возможно загадувањето да биде претворено во нешто корисно? Пронаоѓачот Анируд Шарма во долното ТЕД видео споделува како создал катран црно мастило кое се прави од ПМ 2.5 честички.
Тој прв пат се сетил на ваквата можност при едно патување во Индија во 2012, кога фотографирал дизел генератор како исплукува црна гар на бел ѕид. Дамката го натерала Шарма, кој тогаш бил студент на Ем-ај-ти, сериозно да размисли за загадувањето и неговата можна поврзаност со добивањето пигменти.
Црното мастило кое го користиме во нашите пенкала или инкџет печатарите во суштина е направено од гар. Техничкиот термин за супстанцата е „карбон црно“ и тоа е правта која останува откако ќе се изгори јаглен или масло. Оваа прав помешана со полимер и растворувач се претвора во мазно, течно мастило за пенкала.
Ако ова може да се направи со гар, зошто да не може од загадување на воздухот - помислил Шарма. Единствено што му било потребно бил начин како да ги „зароби“ честичките кои ја произвеле дамката на ѕидот. Така, загадувањето би станало само ресурс што не го користиме, и за чијашто вредност не сме свесни.
Шарма и неколкумина пријатели направиле мала лабораторија во Бангалор за да создадат апарат кој би го собирал загадувањето уште на неговиот извор, на пример од мотори или од фабричка машинерија. Секако, во текот на тие шест месеци кои ги минале во Индија не било тешко да е најдат извори на загадување со кои можеле да експериментираат. Прво развиле апарат за филтрирање наречено Каалинк (од хинди - каала, со значење црно), кое во првата верзија бил само челичен цилиндер кој се прикачувал на издувна цевка. Но сега тој може да се постави на каков и да е извор на загадување, да ги претвори честичките во гар, од што потоа се добива мастило.
Секој AIR-INK маркер содржи 30 милилитри мастило, што е еквивалентно на околу 45 минути дизел загадување. Но истата течност може да се користи и за цртање графити, а корисниците велат дека е со одличен квалитет. Плус, со употреба на вакво мастило се зголемува свесноста за загадувањето, како и за начините на кои тоа - кога веќе го има - може да се искористи за убава работа.