Маорскиот јазик од Нов Зеланд неодамна во својот речник вклучи 200 сосема нови зборови и фрази, кои се однесуваат на луѓе со проблеми со менталното здравје, зависноста или со хендикепот.
Кери Опаи, дел од тимот кој ги креирал зборовите, вели дека тие се создадени не само за да ги пополнат празнините во маорскиот речник, туку и за да помогнат во разбирањето на оние кои се често маргинализирани и стигматизирани.
Така на пример, новиот збор за аутистична личност на маорски е takiwatanga, што значи „негово/нејзино време и простор“. Поентата е дека аутистичните имаат сопствен животен ритам, и сопствено разбирање на времето и просторот, кое е можеби необично за оние другите, но не претставува никаква закана по нив. Новиот збор на маорски за хендикепиран е whaikaha што значи „да се биде различно способен“.
Овие нови зборови и изрази се собрани во речник под наслов „Те рео хапаи - јазикот на збогатувањето“, кој е наменет пред сè за здравствените работници, семејствата, но и за генерална употреба.
Маори, домородниот јазик на жителите на нов Зеланд, се зборува од околу 125.000 луѓе во земја со 561.000 жители со маорско потекло. Од 1987 има статус на официјален јазик, а државата сега спонзорира маорски училишта, два ТВ канали и програми кои се наменети за промовирање и развој на јазикот.