Маж со брада и мустаќи, облечен во црно сако и беж елек, медитира на тросед со поглед во далечината, слушајќи ја сопругата како свири на пијано. Но на оваа слика, под наслов „Едуар Мане и неговата жена“, фигурата на сопругата на славниот француски сликар нема пијано, ниту раце за да свири на него.
Кога Едгар Дега го насликал овој портрет за Мане во 1860-тите, тоа требало да биде другарски подарок. Но на пријателот не му се допаднало како Дега ја портретирал неговата жена, Сузана, па буквално го исекол тој дел од сликата. Ваквиот конфликт не бил невообичаен во бурното пријателство помеѓу двајцата Французи.
Нова изложба во Музејот на Оранжеријата во Париз, во соработка со МоМА од Њујорк, под наслов „Мане/Дега“ ги зема предвид делата, но и табиетите, приказните, конфликтите и помирувањето помеѓу двајцата уметници. Тие се сретнале во Париз на почетокот на 1860-тите, кога, како што вели легендата, се нашле пред портрет насликан од Диего Веласкез во Лувр, кој обајцата сакале да го ископираат. Мане бил две години постар а и неговата кариера започнала порано. Неговите славни слики „Појадок на трева“ (слика долу) и „Олимпија“ всушност се настанати токму во тој период.
Ниту Мане, ниту Дега не се вклопувале целосно во движењето на импресионистите, кое било раководено од нешто помлади уметници, меѓу кои Моне и Реноар. Сепак, нивните професионални сличности не биле единствената причина за пријателството. Обајцата имале искуства од Франко-пруската војна од 1870-71 во која војувале, односно биле меѓу ретките кои не го напуштиле Париз во тоа време и одлучиле да се борат за татковината.
Иако нивните караници биле чести, сепак не биле од таква природа за сосема да им го прекинат пријателството. Сликата околу која се спречкале денес се чува во Музејот Китакјушу во Јапонија и од таму е позајмена за изложбата во Париз.
Дега го обвинувал Мане дека му ги копира темите, па изложбата ќе постави една до друга слики кои покажуваат дека двајцата очигледно си влијаеле еден врз друг, но не како имитатори, туку како меѓусебни инспирации.
По смртта на Мане во 1883, Дега купил голем дел од сликите на пријателот, кои ги чувал до сопствената смрт во 1917. Во негова сопственост биле дури 80 од Манеовите дела, а 31 од нив ќе бидат изложени во поставката. Париската ќе биде отворена до 23 јули, а од 24 септември до 7 јануари 2024 таа ќе биде преселена во Метрополитен во Њујорк.