Calendula (невен) е нагалена форма од kalends, првиот ден од секој римски лунарен месец, од каде потекнува и терминот „календар“. Идејата на календарот всушност била да ги брои деновите до први (еден вид „рабуш“, со рок на исплата од 28 денови), кога доспевале долговите на должниците. Така, невенот или календулата станале „мал календар“, во смисла на мал часовник или мерачи на времето.
Секој оној кој одгледувал невен знае дека цветчињата се отвораат рано наутро и се затвораат навечер. Ова може да е една карактеристика што го поврзува со течењето на времето, како сончев часовник. Но можно е и да е земен предвид долгиот период на цветање, од април до зима, па дури и среде зимо ако е медитерански топло. И македонскиот термин асоцира на оваа карактеристика - цвет што не-вене.
Историски невенот се користел за лечење голем број заболувања, особено на очни, со оглед на формата на цветот и принципот на имитативна магија (кога се користи лековито растение кое по форма личи на органот кого би требало да го излекува). Одамна е познато и антиинфламаторното дејство на кремите од невен (кои денес се произведуваат и индустриски), кои се користеле во текот на крвавите војни за мачкање рани и за намалување на инфекциите.
Листовите и цветовите на невенот можат да се јадат живи или сварени. Од древен Египет до ренесансна Англија тој бил „шафран за сиромашни“, обојувајќи ги јадењата во златна боја. Цветовите биле користени како зачин, во чорби, вино, на месо, како чај или во салати. Холанѓаните сушеле буриња цветови за зимото „бидејќи ниедна чорба не е доволно добра без сушени невени“. Денес популарните рецепти го комбинираат невенот со крем-супи, овошни лебови и за естетски ефект на софрата.
Ако имате уште јајца од Велигден што можат да се јадат еве рецепт за малку поинаква мимоза.