Пред неколку години пишувавме за кодираниот јазик на американските џез музичари, со изрази како „дед солџр“ (мртов војник - празно пивско шише), „орхидеја“ (за скап предмет), и „мокро ќебе“ за досаден човек. Ама да ти имало таен музички сленг и кај нашите музичари.
Барајќи нешто сосема друго низ архивата на списанието „Македонски фолклор“, наидовме на прилог преземен од книгата на Боривое Џимревски, „Чалгиската традиција во Македонија“. Означен како „немушт“ јазик на велешките чалгаџии, тој се состои од термини кои си ги разбирале само музичарите од спомнатиот регион, а звучат како заемки од турскиот (иако некои од нив се можеби сосема измислени).
Неколку примери:
Киријас јарамас - треба да се штимаат инструментите
Пеис јок - нема ракија
џезлам - завршна свирка на свадбата, фајронт
аспир - не ме замарај, молчи
боријац - невеста
татоџи - главен домаќин
варми партал - има ли месо во јадењето?
авис буре - кога чалгијата е сред оро, кларинетистот обично ги вика и другите да дојдат по ороводецот
јаро - јајца
Дикис г’нија - гледај убава жена
чориз лапај ловеј - еден од чалгаџиите кој го собира бакшишот, односно краде од парите
Приоритетите на музичарите (или на запишувачот) се очигледни: главните луѓе на настанот, храна, пијачка и жени. И секако, на крајот, каде се парите.
Получасовна емисија на МРТ од 1973 со Распеани Велешани, во кое се појавува славниот велешки чалгаџија Ало Тончов
фото горе: Чалгијата на радио Скопје, 1965