Џез музичарите се малку ко кратовските ѕидари - и двете групи си имаат занает, солидарно си се пазат од аутсајдерите, а еден од начините за тоа да го прават е да зборуваат на „кодиран" јазик, кого обичните луѓе не можат да го разберат.
„Слаш памп" е онаква пумпа што ја врти дупчалката кога се копа нафта, но во џез сленгот значи„тромбон". „Дед солџр" (мртов војник) е празно пивско шише. „Орхидеја" е нешто скапо, а „мокро ќебе" досаден човек. Уште наречен и „џајв ток", овој жаргон според лингвистите се развил во Харлем а потоа бил проширен низ цела Америка, каде бил особено популарен во 1940-тите.
Постојат повеќе „официјални" речници на џез сленгот, меѓу кои и оној на Кеб Каловеј, самиот џез музичар кој настапувал во познатиот Котон Клаб, а кој во 1976, во рамки на неговата автобиографија, го објавил „Хепстерскиот речник". Според него џез сленгот е „јазик на алигатори и мачки", при што алигатори се фановите на свингот, а „мачките" се џез музичарите. Поентата на сленгот е да биде разбирлив за овие две групи луѓе, а не за „ограничените" (squares), то ест за сите оние кои не слушаат и не сакаат џез. Но ниту еден речник во форма на книга не може да ги опфати сите нијанси и локални варијанти на овој богат и живописен жаргон.
Eве видео во кое се објаснети некои од најважните поими (цел речник составен од повеќе извори тука).
Ако сте по џезот, и сакате да уживате и во македонскиот, еве најава за 12 настани посветени на најдобрите наши џез состави.