Лепливата историја на баклавата

10-11 слоеви тенко тесто, секое рачно сукано, полнето со мелени ореви (во новокомпонирани верзии и со чоколадо, вишни и други марифети) и прелиено со шербет од шеќер или мед. Звучи премногу академски кога се опишува вака детално, во споредба со сензацијата на простото лапни-голтни. 

Потеклото на баклавата велат е од древни времиња. Околу осмиот век пред нашата ера во Асирската империја, која се протегала низ модерен Ирак, Иран, Кувајт, Сирија и Турција, луѓето ределе бесквасни рамни лебови во слоеви, ставале мелени ореви помеѓу нив, и го сервирале ова за специјални настани. Векови подоцна, древните Грци и Римјани имале „плацента колач“ (латинското „плацента“ е од грчкото рlakous или „колач со сирење“, а не она што излегува по породување), кој се состоел од повеќе слоеви тесто полнето со сирење и мед и ароматизирано со ловор. Сепак, раните верзии на баклавата онаква каква што ја знаеме е од пред половина век, од Отоманското царство.

Најраното нејзино спомнување е песна од мистикот, суфискиот дервиш Каугусуз Абдал, кој живеел во првата половина на 15 век, пишува Мари Исин, историчарка на отоманската храна, во нејзината книга „Шербет и зачини: комплетната приказна на турските благи и десерти“.

Баклавата била чувана за празници и прослави, и тоа пред сè поради вештината која била потребна за да се направи („не можам сега да ти сукам, само за празник е“), но и поради високата цена на клучните состојки, како медот, шеќерот и оревите. Во отоманско време, баклавата била „речиси свет“ дел од Рамазан. Почнувајќи од 1520, во текот на светиот месец, султанот им делел огромни количества баклава на најелитните војници, јаничарите. Ова се нарекувало „Процесија на баклавата“, кога стотици садови со баклава, еден за секои десет јаничари, биле печени во палатата, заврзани во чаршафи за да ги штитат од прашина и изложени за церемонијално да бидат доделени. До укинувањето на јаничарите во 1826, ова било популарен годишен спектакл.

Отоманските христијани пак печеле баклава за време на постите, понекогаш користејќи до 40 слоеви тесто за да ги означат 40 денови пост, а други користејќи 33 слоеви за 33-те години од животот на Исус. Евреите низ целата империја служеле баклава на празниците Рош хашана и Пурим.

Мал е бројот на јадењата кои минале толку верски граници како баклавата. Единствено што може да се мери со неа е ашурето уште наречено и „Благото на Ноа“ и подготвувано по малку различно од секоја етно-религиска група. Јадења со варена пченица засладена со шеќер, суво овошје и сируп од овошје со векови биле подготвувани и споделувани од припадници на различни вери во Турција. Сепак, ниту една друга храна не комбинира вакво меѓукултурно значење со трајната популарност на баклавата, која има и една предност - и едно мало парче е толку благо што (за повеќето луѓе) ја задоволува дневната потреба од шеќер. 

Види претходно: Отворен музеј на баклавата во Турција
 

25 август 2023 - 09:52