Лебот наш насушен: белото и црното брашно на идеологијата

Можеби тукушто појадувате, бел леб и ајвар. Или интегрален со хумус и домати. Ако имате среќа на маса ве чекале пржени лепчиња со јогурт и сирење. Иако делува само како нешто што нè држи најадени, лебот има огромна историска и гастрополитичка улога.

Заради својата централна улога во човечката исхрана, лебот се појавува во безброј културни и верски контексти: епот Гилгамеш; римскиот повик за „леб и игри“; лебот како симбол во поезијата на Омар Хајам; лебот кој го означува телото на Исус при причестувањето; оној кој во форма на погача се крши на домашна слава и кој се подава како знак на хуманост. Лебот, со други зборови, е симбол на животот.

Иако историјата на лебот може да почне многу подлабоко во минатото, онаа која вклучува не само прехранбена туку и идеолошка разлика помеѓу белиот и црниот може да се лоцира некаде на почетокот на Втората светска војна. Во 1941 нацистите почнале кампања во која, освен што ги обвиниле Евреите за предавство и убивање на Исус, ги прогласиле за криви и за создавањето бел леб. „Печењето бел леб“, според соопштението емитувано преку радио брановите, „бил промовиран од Евреите заради заработка, но и за да се уништи здравјето на германскиот народ. Пред тие да се населат во Германија, луѓето генерално јаделе интегрален леб. Но во последниот век Евреите се избуткале помеѓу производителот и потрошувачот, и поттикнале производство на тн. ’мртво брашно’, кое нема никаква прехранбена вредност“. Ова била особено лукава пропаганда заради психолошката вредност која ја подразбира лебот. Обвинувањето на Евреите за создавање на белиот леб, инфериорен производ кој се ширел низ пекарите и пиљарите низ Германија, ги поставил во опозиција со традиционалните вредности.

Спротивно на германската одбивност кон белиот леб, во САД тој станал симбол на успешна индустријализација, и модел кој води кон иднината. Во раниот 20 век Американците развиле страв од потенцијална контаминација на нивните извори на храна. Во книга од 1904 под наслов „Незготвена храна и како да се користи“ пишува: „Лебот се крева кога е инфициран со бактерија на квасецот, затоа што милиони од телата на овие мали црви кога ќе умрат се крева гас, исто како што тоа се случува од труп на свиња“. Да ти се одјаде! Оттаму, масовно произведениот леб изгледал побезбеден, постерилен.

Таканаречениот „Вондер бред“ (Чудо од леб) бил создаден во 1950-тите, како златен стандард на сите лебови - сјајно бел, луксузно мек и без никаква прехранбена вредност, всушност едвај леб. И дизајнот асоцирал на нешто до тогаш непознато, не-домашно и индустриско.

Во есеј од 1948, „Леб или слобода“, историчарот Ф. Едвард Лунд наведува интересна забелешка за политизацијата на лебот - „Електроинженерството ветувало леб на сиромашните, а на богатите пониски даноци. Политичките кандидати за возврат ветувале заштита на секоја група од други групи“. Аргументот во основа е дека на најбазично ниво, тоталитаризмот е леб во замена за слобода. Кога за лебот се дискутира во ваков контекст, тоа не е едноставно храна, туку гастрополитички договор: одрекување од она што те дефинира како човечко суштество (слободна волја) за она што те одржува во живот (лебот). Државата гарантира опстанок во замена за послушност.

Лебот како симбол на материјална и физичка исполнетост бил искористен и во движењето на суфражетките, но тука опозицијата помеѓу лебот и слободата е отфрлена како лажен избор. Нивното мото гласело „Леб и рози“, слоган смислен од Хелен Тод во раните 1910-ти за говори кои таа ќе ги држи патувајќи низ Илиноис во корист на женските права. Ваквата комбинација, на Лебот кој симболизирал дом, засолниште и безбедност, и на Розите, кои означувале живот, музика, образование, природа и книги, требало да го означува правото на секое дете родено во САД, и на едното, и на другото, бидејќи иако лебот го оддржува животот, и сето останато е исто така важно.

Еден стар виц убаво ја отсликува опозицијата меѓу традиционалното и новото. Претставник на Кока-кола отишол кај папата со молба во „Оче наш“ изразот „лебот наш насушен“ да биде заменет со „Кока-кола наша насушна“. Папата скандализиран го исфрлил од резиденцијата. На излезот Американецов само промрморел - „Кој знае колку му исплатиле пекарите“.

извор

Претходно - Најголемата и најдеталната книга посветена на лебот

24 октомври 2019 - 09:47