„Крик на природата“, како што гласи оригиналното име на експресионистичкото дело на Едвард Мунк е навистина едно од најславните сликарски дела на 20 век. Тој дошол на идејата за сликата додека шетал на зајдисонце кое ги обоило облаците во „крваво црвено“, и почувствувал како еден бесконечен крик да минува низ пејзажот. Истражувачите го имаат лоцирано местото на фјорд кој гледа кон Осло, и имаат сугерирано и други објаснувања за неприродно портокаловото небо, од ефекти на вулканска ерупција, до психолошка реакција на авторот на тоа што неговата сестра била затворена во блиската лудница.
Но токму оваа необична боја сега е причината зошто сликата почнува да се оштетува, дури и од низок степен на влага. Меѓународен конзорциум на научници како главна причина ја наведуваат случајната употреба од страна на Мунк на нечиста туба кадмиум жолта, која може да почне да се претвора во прашина или да избледува дури и под влијание на човечки здив.
Резултатот од ова е претворање на жолтите потези со четка во сивкасти, како на местата на зајдисонцето, така и на вратот на централната фигура.
„Излегува дека наместо да користи чист кадмиум сулфид како што требало да направи, тој користел нечиста верзија, која содржела хлориди“, изјавил проф. Коен Јансенс од Универзитетот во Антверп. „Ова не верувам дека било намерно - мислам дека случајно купил пониска класа боја. Ова се случува во 1910, во време кога хемиската индустрија која ги произведувала хемиските пигменти постои, но не со толку висока контрола на квалитетот како денес.“ Токму овие хлориди кои се дел од бојата се виновниците за брзото распаѓање на сликата.
Оваа година Музејот на Мунк во Осло, каде се чува сликата, треба да се пресели на нова локација до градската опера. Оттаму, наодите на истражувачите ќе бидат вклучени во начинот на кој сликата ќе биде изложена во иднина. Стандардот од 50% влажност ќе мора да биде дополнително намален. Се очекува дека променетите услови ќе помогнат во забавување на деградацијата.
Мунк насликал четири верзии на „Крик“ помеѓу 1893 и 1910. На верзијата од 1910 денес има дамка од вода, откако била украдена сред бел ден од двајца маскирани вооружени крадци на 22 август 2004. Сликата е пронајдена во 2006.