Поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, беше прв кој го нарече SARS-CoV-2 „кинески вирус“, па дури и „кунг флу“, откако почна да наидува на остри критики за зголемувањето на бројките на заболени. Од друга страна таканаречениот Шпански грип, смртоносен вирус кој убил милиони луѓе во текот на Првата светска војна, најверојатно потекнал од САД, но некако бил поврзан со Шпанија, земјата кадешто бил прв пат идентификуван, можеби како начин на свртување на вниманието на друга страна.
Како што можеби на времето ваквото име се одразило на сите Шпанци или на оние кои пристинувале од оваа земја, и на почетокот на актуелната пандемија, пред таа да стане вистински глобална, секој кој дури и наликуваше на Кинез беше потенцијална мета на дискриминација, дури и кога не покажуваше никакви знаци дека е болен. И кога вирусот мутираше во нови варијанти, тие повторно беа именувани согласно местото на потекло.
Расната и етничката компонента на овие имиња ја мотивираат Светската здравствена организација во мај 2021, скоро 18 месеци по првата појава на вирусот, да користи грчки букви за именување на варијантите на Ковид-19. Првата идентификувана во Велика Британија стана алфа, а индиската стана делта.
Ова требаше да биде идеално решение од кое никој нема да биде навреден. Ама...Кога се стигна до „кси“ на тоа се гледаше како нешто премногу блиску до името на кинескиот водач Кси Џинпинг, и повторно како ризично за поттикнување антиазиско чувство. Најновата варијанта, беше именувана „омикрон“, но медиумите уште пред официјалното име ја нарекуваа „јужноафриканска“, асоцирајќи го вирусот со Африка па дури и со црните луѓе. На насловната на дневниот весник Рајфалц ам зонстаг осамна наслов „Вирусот од Африка е со нас“ над слика на црна жена и дете. Весникот се извини, но штета веќе беше направена.
Всушност, слично како и со шпанскиот грип, варијантата омикрон најверојатно потекнала од поинаква локација. Неодамна холандските здравствени власти откриле омикрон во локални примероци од 19 неомври, пет дена пред научниците од Јужна Африка да соопштат дека го идентификувале овој тип на вирус.
СЗО и претходно предупредуваше околу именувањето на болестите, како на пример Респираторниот синдром на Блискиот исток (MERS), па дури и болеста Лајм, која реферира на град во Конектикат каде е прв пат идентификувана болеста која се пренесува преку крлежи. Индиректна и многу ризична нуспојава од ова е земјите да одбегнуваат да известуваат за нови болести или нови варијанти на постоечките за да не бидат поврзани со нив, особено имајќи ги предвид економските и туристичките последици.