Тоа - кревањето од мртвите - е точно она што се случувало на сцената, и тоа на Задушница: настап на одамна починатата оперска дива, Марија Калас. Поточно, не на вистинската Калас која го напушти овој свет пред 41 година, туку нејзин тродимензионален холограм, кој отвара уста додека се слуша моќниот глас, придружен од оркестар во живо.
„Калас на концерт“ е 90-минутно шоу, продуцирано од BASE Hologram, компанија од Лос Анѓелес која во моментов ја организира турнејата на Калас (како и онаа на Рој Орбинсон, кој „се појави“ во Вашингтон минатата недела). Режијата е на ветеранот Стивен Вадсворт, а оркестрите се менуваат во зависност од локацијата.
Оние присутни на еден од настапите на Калас, како коментаторот на НПР, велат дека искуството е нешто помеѓу морничаво и убедливо. Особено се интересни вон-пејачките моменти, како оние кога таа си го подместува шалот или гестикулира со долгите раце - движења кои се ископирани од концертни снимки од Хамбург и Париз во 1950-тите. За помладите обожаватели на Калас ова е единствена шанса да видат нешто блиску до нејзин настап во (хм...) живо, и тие по некое време во текот на шоуто стануваат имуни на очигледната апсурдност на продукцијата. Се случува дури и да пуштат солза на бисот.
Сепак, оперите се направени да бидат пеени од луѓе, не од холограми. Кога публиката го повикува на бис уметникот, дали е тоа истата трансакција помеѓу двете страни ако од другата стои компјутерска симулација? Уште поголеми се аудио проблемите - на сцена кога реален пејач ја врти главата, како холограмската Калас, звукот природно би требало да доаѓа од таа страна. Тука, пак, сè е статично. И тоа е само дел од несовршеноста на звукот.
Од друга страна, љубителите на класичната музика се постојано соочени со умрени композитори, чија музика се реинтерпретира со генерации. Да може Моцарт да се крене од мртвите, тој би бил шокиран што во 2018 слушаме толку стара музика - во негово време биле интересни само новите композиции. Ако веќе одново и одново на концертите се оживуваат мртвите композитори, зошто тоа не би било соодветно за музичарите, само малку побуквално? Единствено останува необичното чувство што на крај аплаудирате на холограм, а не на „вистински“ изведувач.