Користејќи луѓе-читатели кои проценувале 1000 пасуси од проза на англиски јазик од 18 век до денес, истражувачи од Универзитетот во Илиноис во 2018 дошле до заклучок дека должината на времето опишано во просечен пасус значајно се намалила. Ако во 18 век просекот бил еден ден, тоа во современата книжевност изнесува околу еден час. Ова значи дека писателите станале многу пофокусирани на опишување индивидуални искуства отколку генерални настани.
Сепак, при проценката на тоа колку време минало во пасусот од страна на човечки читатели се наидувало и на проблеми. На пример, ако некој лик во текстот вели: „Минаа триесет години, но како да беше вчера“, дали тоа да биде обележано како да минало фиктивно време од 30 години или од еден ден? Ова било решавано со тоа што еден пасус бил читан и проценуван од најмалку двајца читатели, па ако нивните проценки доволно се поклопувале можело да се заклучи дека фиктивното време, иако не е прецизен конструкт, сепак може да содржи значење околу кое постои релативен консензус.
Пет години по оваа статија, во неодамнешен блог пост еден од авторите, Тед Андервуд, го споредува користењето на човечки со Chat GPT-4, oдносно употребата на јазички модели како релевантни истражувачки асистенти. Заклучокот е дека со доволно прецизни прашања кои не би оставиле простор за недоразбирања, AI може да биде побрза, поевтина и речиси исто толку прецизна алатка како читател-човек, особено кога станува збор за анализа на прашања кои подразбираат примена на деликатни критериуми за носење одлука кои тешко се памтат и уште потешко доследно се применуваат кога луѓе читаат повеќе книги. Јазичните модели тука помагаат не затоа што се брзи, туку и затоа што можат да обезбедат релативно стабилен инструмент за мерење на концепти кои се тешки за дефинирање (на пример концептот на неизвесност - suspense).
Самиот истражувач вели дека ова е прелиминарен извештај за „многу чуден свет“ и допрва најавува промени во начинот на обработка и на вакви содржини за кои до скоро сметавме дека не можат да бидат разбрани од машините.