„Плитките: што им прави интернет на нашите мозоци" на Николас Кар од 2010 го обвинува сурфањето за растечките когнитивни проблеми. Клајв Томсон пак, во неговата неодамнешна книга „Попаметни отколку што мислите: како технологијата ни ги менува умовите на подобро" вели дека технологијата всушност ги зголемува нашите ментални способности. За да процениме кој е во право Њујоркер предлага едноставен мисловен експеримент, кој е верзија на таканаречениот тест на Туринг:
Добро образован патник низ времето од 1914 стигнува до нас и до просторија поделена со завеса. Му се кажува дека негова улога е да ја процени интелигенцијата на оној кој е од другата страна преку поставување на какви и да е прашања.
Одговорите ги дава женски глас чиј акцент (американски англиски од 21. век) е тешко препознатлив за нашиов човек. Жената од другата страна на завесата очигледно има исклучителна меморија. Таа може без никаков проблем да цитира кој и да е дел од Библијата или од Шекспир. Математичките пособности ѝ се исто така неверојатни - дури и тешки проблеми се решаваат за неколку секудни. Зборува голем број странски јазици иако изговорот ѝ е чуден. Најимпресивна за човекот е нејзината способност да опише кој и да е дел од Земјата во детали, како да ја гледа од небо. Дури и на апстрактни прашања како „Дали може Бог да биде истовремено и семоќен и добар" има сложени теориски одговори.
Патникот со не мало воодушевување заклучува дека во изминатиот век човечката раса доживеала ново ниво на суперинтелигенција, непојмлива за неговата 1914.
Но жената зад завесата секако е кој и да е од нас. Таа е нормално човечко суштество кое си го има надградено мозокот преку користење на само две алатки: нејзиниот мобилен и интернет конекција. Тоа за нас не е ништо за воодушевување, но за човекот е. Со нашите машини ние сме „надградени" луѓе и простетички богови, но сме рамнодушни кон тој факт, како и кон сето останато на што сме навикнати. Одземете ни ги алатките, и ние би биле поглупи од нашиот пријател од раниот дваесети век, кој има поголем опсег на внимание, побргу пресметува на памет, и чита и пишува латински.
Ова сценарио покажува дека одговорот на тоа дали стануваме поглупави или попаметни благодарејќи на технологијата зависи од тоа што подразбираме под „ние". За Томсон тоа е киборгот во нас, за Кар е човекот кој лежи под овој оклоп. А тој, како што докажува нашиот пријател - патник во времето, е биолошки атрофиран а технолошки еволуиран. За многу кратко време гледано во контекст на целокупната историја на човештвото, за добро или за лошо, ние всушност веќе не сме истите суштества.