Необичниот часовник што работи на мирис се состои од „лавиринт“, плочки во чии процепи се нанесува супстанца во прашок (веројатно истата што се користи за миризливи стапчиња, само изронета) која испушта арома откако ќе биде запалена. Концептот е навидум едноставен и се базира на времето коешто е потребно прашокот да согори. Сепак, во Кина уште од шестиот век постоеле повеќе шеми на лавиринти за мерење на различна должина на време. Колку посложена шемата, толку подолго било времето потребно жарчето да стигне до крајот.
Истовремено, самот часовник бил естетски привлечен, а на капакот од кутијата биле гравирани симболи на среќа, слични какви што се користеле при свадби и други значајни церемонии. По патот на жарчето можеле да се постават различни ароми во правилни растојанија, па ако замириса на пример на сандалово дрво да се знае дека е три, а ако замириса на ванила дека веќе дошло четири.
Во Кина, во текот на владеењето на династијата Кинг (1644-1911) таквите часовници гореле цела ноќ во големата стражарска кула на влезот на Пекинг, мерејќи го времето до чукањето на огромниот тапан кој го означувал крајот на ноќната стража. Сепак, најинтересен е „алармниот“ часовник на мирис, во форма на змеј.
Долж телото на чудовиштето биле поставувани мирисни траги, но истовремено и серија кончиња на чиј крај имало метални топчиња. Како што горел мирисот, така согорувале и конците, испуштајќи ги топчињата во метални садови поставени под часовникот со едно „пинг!“, веројатно будејќи го сонливиот сопственик.
Начинот на работа на часовникот на мирис е убаво објаснет во ова видео: