Оние кои на времето го следеа преносот од еден од најголемите гафови во историјата на телевизијата се сеќаваат. Во 2017 Феј Данавеј и Ворен Бити се појавија на сцената на театарот Долби во Холивуд за да ја соопштат најзначајната награда, Оскарот за најдобар филм. Бити го отвори ковертот и изгледаше благо збунет или како намерно да се преправа дека нешто не разбира само за да создаде тензија. На аудио снимките убаво се слуша дека тој се снебива да го изговори она што го пишува на ливчето. Данавеј му го грабнува од рака и вели - најдобар филм е „Ла Ла Ленд“!
Она што следи ќе биде анализирано со месеци. Затоа што најдобар филм таа година не е тој, туку „Мунлајт“. Сметководителот на ПрајсВотерхаусКуперс го јаде и срамот и стапот, како некој кој им го подал погрешниот коверт на презентерите. На таа картичка всушност ја пишувало добитничката на Оскар за најдобра женска улога, Ема Стоун, за „Ла ла ленд“. Но како е ова можно, кога Стоун веќе беше замината од сцената со Оскарот в рака?
Увидот во процедурите укажал на непотребна сложеност. Не еден, туку двајца сметководители на денот на доделувањето на Оскарите, по две различни патеки, одат до Театарот Долби а секој од нив носи по еден комплет коверти, „за секој случај“. Обајцата стојат на излезите кон сцената, и во зависност од тоа од каде влегуваат и излегуваат презентерите во моментот, ги подаваат ковертите. Ако еден го подаде ковертот за, на пример, главна машка улога, другиот треба да го уништи дупликатот. Но во случајот со Стоун тоа не било направено, од проста причина што сметководителот зграпчил шанса да се слика со неа и се дефокусирал од ковертите.
Ова е само еден од примерите кога нештата тргнале наопаку поради вишок превентивни мерки, кои наместо да спречуваат, создаваат проблеми. За среќа тука нема човечки жртви и големи последици (иако скандалот стои), но истото може да се случи и при раководење со нуклеарни централи или глобални финансиски пазари и други комплицирани технолошки системи.
Класик во оваа област е книгата „Нормални несреќи“ на Чарлс Пероу од 1984, во која вклучува несреќи во областа на нуклеарните централи, хемиската индустрија, патувањето во вселената и рударството. Најголем потенцијал за катастрофа според него имаат системи кои се ем сложени (еден елемент може повеќекратно да влијае врз други компоненти), ем што елементите во нив се толку тесно поврзани што прекинот на таа врска е речиси невозможен (системот е побрз од операторите кои можат да детектираат каде е проблемот и да го корегираат). Логично, за нештата да немаат толку (и буквално) експлозивен потенцијал, тие 1. треба да се упростат, 2. помеѓу фазите да има доволно простор за реакција (на пример Бити да не мора брзо да го прочита она што не му е јасно затоа што продуцентот на преносот му мафта дека скапоценото време од преносот тече).
Во 2018 излезе нова книга на оваа тема „Мелтдаун: зошто нашите системи се распаѓаат и што можеме да направиме во врска со тоа“ од Крис Клирфилд и Антраш Тилзик. Тие тргнуваат од претходно спомнатата книга, но одат и чекор понатаму, со оглед на напредокот и во самата технологија која се има случено во меѓувреме. Сега во игра се и вештачката интелигенција и алгоритмите кои додаваат на сложеност, но и ја зголемуваат неинформираноста на човечките субјекти за она што го прават машините. Доволно е на шалтер вработениот да не може да промени погрешен податок затоа што „така вика компјутерот“ за да сфатите колкава е таа беспомошност.
И после сите овие предупредувања, што направиле од агенцијата одговорна за спроведување на постапката за прогласување Оскари следната година по скандалот? Ги отпуштила двајцата сметководители кои биле прогласени за виновни и наместо нив од вовеле...три вакви позиции!