Иако за голем број македонски политичари да се има мозок од камено доба е всушност комплимент, бидејќи подразбира дека тие сепак го поседуваат овој мислечки орган, и нивното политичко однесување се надоврзува на древни, еволутивни модели. Навидум нерелевантни настани во таа долга историја, како излегување на крај со предатори кои ни претставувале директна закана, може да влијае врз тоа за кој кандидат гласаме денес.
Поконкретно, Шенкмен опишува четири начини на кои луѓето се однесуваат нерационално кога станува збор за политика: кога стануваме апатични на оваа тема, кога некритички ги славиме нашите водачи, кога ги казнуваме политичарите кои ни соопштуваат сурови вистини и кога не покажуваме емпатија за одредени политички одлуки. И сето ова го правиме несвесно, раководени од хардвер воспоставен пред илјадници години.
Книгата ги илустрира своите тези со постапките на просечниот американски гласач, но бидејќи се работи за психологија, сето ова може да важи и за Македонецот. И двајцата не мора да се глупи или неинформирани, едноставно нивниот (нашиот) мозок е моделиран за различен свет, во кој владеат различни политички правила.
„Постои јаз помеѓу мозокот кој сме го наследиле од камено доба, кога човештвото живеело во мали заедници", пишува Шенкмен, „и мозокот кој ни е потребен за да излеземе на крај со предизвиците со кои се соочуваме во едно демократско општество кое се состои од милиони луѓе".
Целиот плеистоцен, пред околу 10,000 години, сме живееле како ловци и нашиот мозок се уште е моделиран за таа околина. Најдобро функционираме, дури и на социјалните мрежи, во помали групи (не повеќе од 150), во кои лично ги познаваме членовите. Во истите тие заедници не само што знаеме кои се нашите водачи, туку тие се дел од нашата непосредна физичка околина, со нив се гледаме очи в очи на дневна база, па во такви околности не е тешко да излеземе на крај со нив ако нешто ни згрешат.
Денес, и покрај бескрајните ТВ дебати и целото тоа дрн-дрн кое не опкружува ретко ги познаваме нашите политичари како да ни се комшии, со сите нивни маани и доблести. Нашата природна дарба на 'читање' на човечкото поведение е неутрализирано кога станува збор за нив. Условите во коишто ги запознаваме се веќе вештачки креирани. Нашите инстинкти, реакциите „од стомак" кон еволутивно би прибегнувале, ни се потиснати, и не се соодветни за модерниот политички систем.
На пример, во плеистоценот секој кој не припаѓал на таа наша мала група се сметал за потенцијална опасност. Денес, кога политичарите намерно играат на картата на колективитетот (на бројните „ние" наспроти малкумината „останати“) за опасни аутсајдери се прогласени сите оние во рамки на заедницата кои не мислат исто. Идеолошката позадина така ја заменува биолошката (истото генетско потекло), но дискриминацијата останува. Кога на тоа ќе се накалеми гневот кон другиот, е тогаш веќе функционираме како вистински припадници на ловечко-собирачкото општество.
„Лутината од еволутивна перспектива била корисна. Во време на криза кога се барало брзо дејствување, гневот ни овозможувал да се фокусираме за да успееме. Но во модерната политика лутината се користи за манипулација - политичарите намерно ги дразнат своите гласачи, им ги подгреваат стравовите и со тоа автоматски ги исклучуваат оние когнитивни функции кои овозможуваат критичко мислење. Исплашените и гневни луѓе не можат да го разберат гледиштето на другите. Лутите луѓе не прифаќаат компромис."
Шенкмен додуше никаде не се занимава со лутината како елемент во соборувањето на одреден политичар. Ако овој еволутивен механизам може да биде искористен за некој да се дојде на власт, тогаш лесно може да важи и спротивното. Надежта не е во списокот на основни човечки нагони, но за неа сепак се вели дека последна умира.