Докази за верувањата на Русите во магија можат да се најдат во различни документи од 12-18 век: проповеди, историски хроники, апокрифни приказни за животот на светците, закони и декрети, прирачници за лечење со лековити билки и баења, судски досиеа. Сите овие обезбедуваат увид во животите на обичните луѓе кои инаку би биле загубени за историјата. Но тие покажуваат една значајна разлика во однос на остатокот од Европа, а тоа е дека „вештерството“ најчесто било поврзувано со мажите.
Тројца од четворица Руси обвинети за црна магија биле мажи. Повеќето дејствувале сами, евентуално со еден или двајца помошници, а се занимавале со секојдневна, практична магија, како на пример уништување на бизнисот на конкурентот. Немало тука сатанистички гозби и демонски оргии, туку многу поприземни методологии, кои главно се сведувале на принципот на имитација - „како ова-така она“ или „додека ова-до тогаш она“. На пример, „сè додека парчето дрво гори во огнот, до тогаш и срцето на мојот господар да гори па да згасне“.
Иако официјалното христијанство се оградувало од магиските постапки, Исус и Богородица често фигурирале во баењата, рамо до рамо зо златни рипки, птиците без крила, но и „малите сатанчиња“ кои дејствувале истовремено со светците.
Не сите обвинети нанесувале зло, некои истите свои моќи ги насочувале кон лоцирање загубени лица и предмети, заштита на луѓе од стрели или огнено оружје, здравје на стоката. Во општество без обучени медицински лица, традиционалната медицина била единствената опција за третирање на болните покрај молитвата. Голем број луѓе консултирале и свештеници и исцелители кои користеле магија и не гледале никаква контрадикција во ова. Стравот дека младенците можат да бидат урочени значело дека на свадбата е добро да бидат повикани „вештери“ кои ќе ги заштитат невестата и младоженецот во текот на свадбата, а за ова биле плаќани во вотка.
Во малцинството случаи каде жените биле обвинувани за вештерство, нивните љубовни бајачки најчесто биле насочени кон смирување на лутината на сопрузите, пренасочување на нивните тупаници и нивно претворање во „понежни“ луѓе.
Верувањето во магија било универзално, па и елитите и „обичниот народ“ во ова гледале и можности и опасности. Особено била атрактивна мислата дека преку магија можело да се влијае, барем за момент, на строгата општествена хиерархија, па некој низок чиновник или селанец да може да парира на судија, воен офицер па дури и бискуп. Во ваквите ситуации да се биде вооружен со заштита во форма на рачно напишана магија се сметало за добро планирање. За мажите било поверојатно дека би имале судир со ваквите власти, па оттаму и кај нив најчесто биле откривани вакви парчиња хартија со „баења за моќ“, стуткани во шешир или во чевла.