Денес е вообичаено славните личности да го ставаат својот потпис на производи кои немаат баш некоја допирна точка со она што тие го работат. Иако овој феномен изгледа како да е од скорешен датум, тој е всушност прилично стар. Марк Твен на пример се обидел да инвестира во повеќе производи, но кон еден бил посебно приврзан. Mногу сакал часовници, но исто така многу и се жалел од нив.
Во статија објавена на 26 ноември 1870 во Бафало Експрес под наслов „Мојот часовник“ (целиот на англиски тука), тогаш 34-годишниот Твен раскажува приказна за тоа како кога купил нов часовник го однел на часовничар само колку да провери дали го покажува точното време. Часовничарот го убедил дека му треба штелување, но часовникот после оваа интервенција постојано бил неколку минути напред. Потоа го носел кај повеќе часовничарски „експерти“, но работата станувала само полоша. На крај целата поправка го чинела 2-3000 долари, за часовник кој чинел 200.
За да не се случуваат вакви работи, сметал Твен, требало да се произведе прецизен, но не многу скап часовник, кој би го „демократизирал“ пристапот до мерењето на времето, а истовремено, дури и да се расипе, неговото поправање не би чинело цело богатство. „Часовници за сите!“, било неговото мото.
Поттикнат од ваквата мисла тој во март 1881 одлучил да инвестира во часовничарска компанија основана од браќата Кларенс и Едвард Хауард. Тие истата таа година најмиле неколкумина мајстори од Швајцарија и обезбедиле доволно материјал и машинерија за да направат неколку илјади часовници. И многу добро знаеле како да му ги земат парите на Твен - со тоа што играле на картата на неговата суета. Му понудиле да произведуваат брендиран „Марк Твен“ часовник. Иако во моментот тој немал многу пари, сепак одлучил да инвестира 5000 долари, што во денешни суми е рамно на четврт милион.
Часовникот навистина бил направен на почетокот од 1882, работел на навивање и содржел и функција на броење на секунди. Биле изработени повеќе примероци, некои од нив со скапоцени камења (дури до 15), но најголем впечаток оставал изгравираниот потпис на Твен.
И сето ова изгледало убаво, но не и кога требало да му бидат исплатени акциите од проектот. Излегло дека браќата-часовничари правеле некои дубари и си исплаќале дивиденди и покрај тоа што компанијата се уште не била профитабилна. Гневен, Твен на крај им продал голем дел од своите акции, иако останал во минус за 1400 долари или денешни 35.000. Сепак љубовта кон часовниците му останала, а особено кон оние кои се едноставни и не премногу скапи, па макар и не го содржеле неговиот потпис.