пишува: Кенан Малик (колумнист на Обсервер)
Во 1768 германскиот филозоф Јохан Готфрид Хердер го посетил францускиот град Нант. „Се запознавам со францускиот јазик и со начините на мислење“, му пишал тој на колега-филозоф. Но, „колку што повеќе им се приближувам, толку ми се зголемува чувството на отуѓеност“.
Ова не е само затоа што Хердер ги мразел Французите. Причината е што тој мислел дека не е можно вистински да се втопиш во друга култура. Секој народ е ограничен со својот „фолкгајст“ или народен дух. Во секој јазик е вгнезден „цел свет на традиција, историја, принципи на постоење: неговите срце и душа“. Токму затоа тој можел само да ги пелтечи со интензивен напор зборовите од туѓата култура. Културните поделби според него биле непремостливи.
Се потсетив на писмото на Хердер минатата недела во контекст на преводот на песните на Аманда Горман на холандски. Горман е африканско-американската поетеса која блесна на инаугуративната церемонија на Џо Бајден.
Холандскиот издавач предложи превод на нејзиното дело. Беше избран преведувач, Мариеке Лукас Ријневелд, и тоа со одобрување на Горман. Ријневелд минатата година стана најмладиот добитник на Меѓународниот Букер за нејзиниот дебитански роман „Нелагодноста на квечерината“ (за што претходно пишувавме тука), кое критиката го дочека со блескави епитети.
Ријневелд родово се идентификува и како машко и како женско и за себе ги користи заменките „тие“. Но, таа е бела. И тоа за многумина значи дека е несоодветна за да биде преведувачка на Горман. „Зошто да не се одбере писател кој е - како и Горман - уметник на изговорениот збор, млада, женско и безрезервно црна“, праша холандската новинарка Џанис Дел. Сето ова доведе до повлекување на Ријневелд од проектот.
Многумина коментираат дека не е проблемот до белоста на Ријневелд, туку до расизмот на холандското општество и маргинализацијата во Холандија на црни писатели и преведувачи. Ова е точно, но доколку прашањето се однесува само на расизмот и маргинализацијата, тогаш аргументот би требало да биде не дека на црна поетеса ѝ е потребен црн преведувач, туку дека треба да има повеќе црни преведувачи, без оглед на бојата на кожата на писателот кој е преведуван.
Контроверзата со Горман е ехо на голем број судири поврзани со преминувањето на расни и културни линии, од критиката на „културната апропријација“ до дискусии поврзани со „трансрасни“ посвојувања. Сите вклучуваат модерни верзии на Хердеровите аргументи. За него „народ“ е дефиниран главно во лингвистичка смисла. Денес, ние сме позагрижени со расни, културни или сексуални идентитети. Но неговото инсистирање на важнсота на „фолкгајст“-от и на невозможноста на преминување на културните поделби, е преведено во идиомот на идентитетската политика.
Дебатата за етиката на преводот е долга, и се однесува не само на тоа како да се преведат зборови, туку и духот на оригиналот. Денешните контроверзи со идентитет сепак не се само прашања на формален превод, туку и на неформални преводи во кои учествуваме секојдневно. Секој разговор од нас бара да ги „преведеме“ искуствата и перспективите на другите луѓе, да ги доведеме во врска со нашите сопствени искуства и перспективи. Во свет поделен долж идентитетски линии, и можноста и моралноста на ваквите преводи е ставена под знак прашање. Специфични искуства или културни форми се смета дека им „припаѓаат“ на специфични групи, а „остани во својата лента“ е модерната мантра
(...) Дали Ријневелд би била или не би била добар преведувач на поезијата на Горман, тоа не можам да судам. Но фактот дека таа е бела не би смеело да игра никаква улога во проценката дали е соодветниот преведувач.
извор: Гардијан