Холандскиот бестселер „Нелагодноста на квечерината’“ го опишува детството на девојче кое расте на село, во христијанско семејство. Нејзиниот брат умира во несреќа откако таа посакува тој да умре наместо нејзиниот зајак. Очајно, семејството почнува да распаѓа, а таа има огромно чувство на вина.
Исто како и ликот од книгата, и авторката Мариеке Лукас Ријневелд растела во строга верска заедница во рурална Холандија. И нејзиниот 10-одишен брат умрел во несреќен случај кога имала 3 години. Иако не станува збор за автобиографија, ваквите елементи ја сочинуваат суштината на делото, кое е опишано како „виртуозно“. Иако веќе има добиено високи признанија во родната Холандија, Мариеке и денес работи на фарма, чувајќи крави за кои вели дека ѝ се најдобри пријатели.
Книгата од вчера, 26.8, е добитничка на Меѓународниот Букер, кој се доделува секоја година на романи или збирки раскази преведени на англиски и објавени во Британија или Ирска. Овие автори, за разлика од оние кои конкурираат за „обичниот“ Букер, не мора да се од земјите на Комонвелтот или Ирска. Првиот Меѓународен Букер беше доделен во 2005, а го доби Исмаил Кадаре.
Ријенвалд се опишува себеси не како транс-родово лице, туку како „нешто помеѓу“. Во англискиот се декларира со заменката they, односно „тие“. Оваа родова неодреденост создава проблеми во нејзината матична средина и во семејството: „За моите родители е тешко дека не сум девојчето кое тие го воспитале. Вакво нешто нема во Библијата“. Кога слушнала за наградата изјавила дека е „среќна како крава со седум вимиња“.
Во најтесниот избор за меѓународниот Букер оваа година влегоа дела од ирански, германски, аргентиски и јапонски автори. Наградата се дели еднакво помеѓу авторот и преведувачот на делото.