Роден во 1566 како принц Гезуалдо де Веноза, Карло Гезуалдо бил брилијантен композитор на мадригали (ренесансни лирски песни) и духовна музика. Неговиот оригинален стил уште тогаш бил ориентиран кон експериментирање и го најавил жанрот кој наскоро ќе пристигне во историјата на музиката - операта.
Бил роден во благородничко семејство кое ги поседувало феудалните имоти во местата Гезуалдо и Веноза, од каде потекнуваат неговите презимиња. Младиот Карло учел во Неапол кај језуитите и покажал особен талент за музика. Веќе вешт музичар на возраст од 19 години, тој почнал да станува популарен поради своите мадригали, кои иако го следеле стилот на неговите претходници сепак содржеле и оригинални елементи.
Во 1586 се оженил за својата роднина Марија Д’Авалос, која била сметана за најубавата жена во Неапол, четири години постара од него. Но подоцна таа се заљубила во Фабрицио Карафа, војвода од Андрија, и станала негова љубовница. 1590-та била пресвртна за семејството Гезуалдо - на 16 октомври двајцата љубовници биле фатени на дело и брутално убиени. Убиецот - Карло - некое време се криел во непристапен замок на своето семејство, а потоа се преселил во Ферара, каде се преженил. Таму ја компонирал третата и четвртата своја книга мадригали за пет гласови, а потоа, се уште плашејќи се од одмаздата на ужалените семејства, засекогаш се повлекол во спомнатиот замок.
Изолацијата и чувството на вина го инспирирале да твори - композициите од овој период му се полни со очај и меланхолија. Такви се особено делата на духовна музика од петтата и шестата книга мадригали. Од денешен аспект тоа е прогресивна музика чиј стил никој не успеал да го имитира до 20 век.
Ликот на Гезуалдо, пореметен од љубомора, но и инспириран од своето крваво дело, е тема на бројни опери, музички дела и филмови. Во „Портите на перцепцијата“ Олдос Хаксли пишува за тоа какви чувства му предизвикува слушањето на неговата музика:
„Целината е збир на скршени парчиња. Ако ништо друго, барем не сте замаени со чувство на лажна безбедност од малку човечки, а малку вештачки поредок. Морате да се потпирате на директната перцепција на ултимативниот ред. Оттаму, одредено чувство на распаѓање може да има предност. Но секако е опасно, ужасно опасно. Замислете да не можете да се вратите назад, од хаосот...“.
Во сцена од „Вистинска приказна“, филм за повеќекратен убиец на своето семејство (Букбокс гледанка тука), приказната на Гезуалдо се користи за да се постави прашањето - дали генијалното дело паѓа во вода доколку го има направено убиец? Само неколку години откако ги убил љубовникот, сопругата и новородениот син ја напишал Se La Mia Morte Brami (Ако ја посакуваш мојата смрт). „Музиката е речиси толку убава што прави да заборавам дека е напишана од човек кој го скршил черепот на своето дете од парче мебел...но не баш“, вели еден од главните ликови пуштајќи му ја музиката на затвореникот кој наскоро ќе биде осуден на смрт за слично дело.