Во 2001 Кристијан Лонго е уапсен под сомневање дека на брутален начин си ги убил сопругата и трите деца. Фатен е во Мексико, каде се претставувал како новинар на Њујорк Тајмс, под име Мајкл Финкел. Сите жртви се фрлени во Тихиот океан, или живи и врзани за тешки предмети, или веќе задавени и ставени во куфери. Најмалата, тригодишната Медисон, е најдена спакувана со омиленото мече.
Ова со лажното име не би било толку необично, доколку тоа би било измислено. Но новинар под такво име навистина постоел, и навистина работел за Тајмс. Иако релативно млад, Финкел (го игра Џон Хил) во тој момент веќе има 10 статии на насловни страници, а неговата последна истражувачка сторија која се однесува на детското ропство во Африка изгледа како да ќе биде крунисана со „нешто што се римува со Шулицер“.
Но наместо тоа, уредништвото го обвинува дека за да се засили ефектот, тој направил композитен лик од неколку деца-соговорници со што ги прекршил новинарските принципи. Њујорк Тајмс објавува извинување, а Финкел не само што ја губи работата, туку веќе оцрнет и етикетиран како „лажго“, не може да најде нова. Живее во планинска куќичка во Монтана со жена си, и генерално се самосожалува, до момент кога добива повик кој можеби и требало да го игнорира.
Ама како да се игнорира информација дека повеќекратен убиец го користел твојот идентитет додека бегал од полицијата? Заинтригиран, Финкел бара средба со обвинетиот Лонго (го игра Џејмс Франко). Со тоа што започнува нивната неколкумесечна „соработка“ од која треба да произлезе книга со, како што му ветува Лонго, „вистинската верзија на нештата“. Тој очигледно добро знае со кого си има работа, му ласка на Финкел за одличните текстови, а се поставува како некој кому би му биле потребни совети за пишување.
Иако на моменти Финкел се потсетува на новинарската етика, тој сепак потсвесно се идентификува со некој што е обвинет и маргинализиран и наоѓа наводни сличности во нивните карактери, дури и во начинот на пишување и црткање по белешките. Единствена свесна дека тој е манипулиран е жена му (ја игра Фелисити Џонс), но таа нема големо влијание врз настаните, до самото судење, кога Лонго запаѓа во контрадикции кои само му ја отежнуваат ситуацијата. Поротата го прогласува за виновен и тој е осуден на смрт (подоцна преиначена во доживотна без можност за помилување). Финкел објавува книга за искуството, под наслов „Вистинска приказна: убиство, мемоар, меа кулпа“, со последниот израз упатувајќи си прекор за сопствената вина, што би требало да биде предупредување за секој во професијата на портретирање харизматични и ментално пореметени криминалци.
И покрај силната основа, филмската приказна е раскажана бледо и човек постојано чувствува дека нешто недостасува. Можеби е до отсуството на „хемија“ помеѓу Џона Хил и Франко. Или до исто толку неубедливиот лик на сопругата. Ниту еднаш, до судењето, не знаеме кој му е адвокат на Лонго, ниту пак присуствуваме на средба помеѓу него и Финкел (што во реалноста сигурно би се случило). Се стекнува впечаток дека многу посилен би бил филм базиран на книгата „Новинарот и убиецот“ од Џенет Малком (за која пишувавме тука) за многу слична лав-хејт врска помеѓу новинар и американски доктор, капетан на американската армија обвинет за убиство на својата бремена жена и двете малолетни ќерки. Со тоа што во случајов убиецот го тужи новинарот за манипулација. Е, тоа би бил интересен филм.
Илина, Букбокс