Надоврзувајќи се на тн. „ново новинарство“ на Том Волф и Џоан Дидион, Џенет Малком има воспоставено сопствен жанр, кој комбинира новинарско известување, психоанализа и литературна критика, за речиси форензички да ги дисецира ликовите за коишто пишува. Притоа во фокусот е „моралниот проблем“ на новинарството и „измисленото Јас“ како главен лик во него.
„Новинарот и убиецот“, нејзината книга од 1990, почнува со една од најхрабрите реченици во отварањето на која и да е книга - „Секој новинар кој не е доволно глупав или премногу полн со себеси за да забележи што се случува, знае дека она што го прави е морално недопустливо“. Текстот најпрвин се појавил како дводелен фељтон во Њујоркер и предизвикал сензација, главно во рамките на пишувачкиот еснаф. Острите критики упатени кон Малком продолжиле со објавувањето на книгата, една година подоцна.
Тешко е да се каже кој е главен лик во „Новинарот и убиецот“, а тоа го сугерира и самиот наслов во кој сепак новинарот е на прво место. Тој во случајот е Џо МекГинис, автор на неколку бестселери, најпознат по „Продавањето на претседателот“ во која зборува за маркетинг машинеријата зад изборот на Никсон во текот на претседателската кампања од 1968. Во 1970 во медиумите е актуелен случај на поранешен американски доктор и капетан на американската армија кој е обвинет за убиство на својата бремена жена и двете малолетни ќерки. МекДоналд тврди дека е невин и дека убиствата биле извршени од четворица натрапници - тројца мажи и една жена - кој влегле во нивниот стан и ги нападнале со ножеви, палки и мразокршачи.
Приказната го привлекува вниманието на МекГинис, кој обезбедува соработка со МекДоналд, за да ја преточи неговата приказна во книга. Станува дел од неговиот тим на одбрана и има пристап до сите можни документи, присуствува на судските рочишта и на советувањата, а во меѓувреме гради навидум пријателски однос на доверба со главниот лик на својата книга. Заедно пиеле пиво, џогирале, а понекогаш просто седеле на клупа и меркале женски. Откако судот согласно голем број докази кои упатуваат на вина на МекДоналд пресудува тој да остане во затвор, МекГинис почнува да му пишува серија писма во кои изразува сочуство. „Секоја будала може да види дека не доби фер судење...ова е комплетно лудило. Само што го поминав летото со нов пријател и копилињата дојдоа и го затворија. Но не за долго, Џефри, не за долго“.
Сепак, како што открива „Новинарот и убиецот“, истовремено додека ги пишувал овие редови, МекГинис бил длабоко уверен во вината на својот „другар“ и веќе бил навлезен во пишувањето на својата книга „Фатална визија“, во која го пишува МекДоналд како „женкар“, „жеден по внимание“, „социопат“ и „зависник од амфетамини“. Иако било договорено (а и од човечки аспект би било фер), тој не сакал да му го даде ракописот на увид на МекДоналд, кој цело време бил уверен дека тој во книгата ќе биде прикажан како невина жртва на системот. Истовремено, со време МекГинис сфатил дека неговиот суров убиец кој делувал харизматично во живо, на страниците на книгата губел од „шармот“, бидејќи начинот на неговото изразување било крајно неживописен, така што звучел како „сметководител“. Токму тука авторката Малком ја гледа стапицата во која може да западне секој автор кој користи вакви реални ликови за своите полу-фиктивни:
„Неинтересноста на МекДоналд воопшто не е невообичаена. Кога еден новинар ќе седне наспроти некого како него, сè што може да стори е да избега и да се надева дека наскоро ќе наиде посоодветен субјект. Тоа не бил член на прекрасната раса раскажувачи од калибарот на Пери Смит на Труман Капоти, од какви што зависи секој роман базиран на вистински настани.“
Оваа маана на својот главен лик МекГинис ја надоместува со тоа што го портретира како патолошки случај. Ова во очите на Малком е неговата професионална грешка. Но неговиот поголем морален престап е во тоа што се преправал дека му верува.
Истото го мислел и МекДоналд кој од затворската ќелија на затворот во Мериленд, осуден на доживотна робија, го тужи МекГинис. Ова се случило во 1987, а обвинението кон новинарот е за измама. Спорот е решен вонсудски во корист на МекДоналд, кому во големата слика ова сепак не му значи многу, освен како извесна сатисфакција на честа - иронично - на еден трикратен убиец.
Тој денес има 77 години и служи доживотна казна во Федерален затвор во Мериленд. Но целиот случај има огромно значење за преиспитување на улогата на професионалците кои се занимаваат со туѓите, реални приказни и карактери. „Новинарот и убиецот“ денес би требало да ја имаат прочитано сите кои се занимаваат со раскажување документаристички приказни за други луѓе, кои имплицираат доза на вистина, или претендираат дека ја имаат целата во малиот прст, без оглед на тоа дали станува збор за сценаристи, писатели, етнографи, новинари или режисери.
Илина, Букбокс