Вирџинија Вулф (тогаш Стивен), сликарот Данкан Грант, братот на Вирџинија, Адријан, Ентони Бакстон, Гај Ридли и Хорас де Вер Кол, се качиле на гордоста на Британската кралска морнарица, бродот Dreadnought, облечени во раскошни ориентални костими, и со лица офарбани во црно. Во она што потоа стално познато како „Измамата Дреднохт", шесторицата ги убедиле офицерите на бродот дека тие се официјална делегација од Абисинија (денешна Етиопија), и биле пречекани со високи почести.
Целата зафрканција, замислена од Кол, започнала кога тие испратиле телеграма до бродот во која го известуваат екипажот да очекуваат посета од северно-африканска висока делегација. Откако се качила на бродот, групата зборувала на латински (со цитати од Енеида) или просто трескале глупости на измислен јазик. Додека ги шетале низ бродот, „благородниците" од време на време од восхит извикувале „бунга бунга".
Вулф главно молчела за да не се познае дека е женско. Еден од офицерите на бродот бил братучед на Вирџинија и Адријан, но тој не ги препознал, така облечени во долги туники, со златни синџири и турбани. Целата работа била спектакуларна претстава, но и од двете страни - екипажот не можел да најде абисиниско знаме, па на јарболот го качила знамето на Занзибар.
Пошироката цел на групата, освен забавата, била да го исмее викторијанскиот империјализам. И тоа им успеало, барем во популарните медиуми. Весникот Мирор, кој дознал за целата работа откако Кол анонимно им ја испратил фотографијата од настанот, ја објавил долната карикатура, а морнарицата била предмет на потсмев долго време потоа. Но на императорот на Етиопија, Менелик Втори, кој ја посетил Англија подоцна истата година, ич не му било смешно кога децата по него на улица викале „Бунга, бунга!". Нему не му била дозволена посета на морнарицата, за да не се поттикнува повторен муабет на истата тема.