Во нас како да има вградена тенденција да ја бараме, набљудуваме и вреднуваме. Па сепак, се мачиме да ја дефинираме. Филозофите со векови се обидувале да ја разберат убавината, но сега научниците изгледа дека се подготвени да го сторат истото. Иако науката не може да ни каже што е убавина, таа може да нè насочи каде таа се наоѓа (или каде ја нема) во мозокот.
Во неодамнешна студија објавена во списанието „Когнитивна, афективна и бихејвиорална невронаука“, тим истражувачи од Универзитетот Тсингуа од Пекинг го истражуваат потеклото на убавината и деловите од мозокот кои реагираат на неа. До скоро преовладуваа теориите дека во него постои тн. „центар за убавина“ и дека оттаму нејзиното искусување е врзано со единствен регион во мозокот. Искусуваме убавина на ист начин, без оглед дали слушаме песна од Битлси, дали гледаме во слика од Ботичели или едноставно уживаме во ѕвезденото небо.
Но новата студија тврди дека ваков единствен центар не постои, и дека во зависност од она што го смета за убаво мозокот активира различни региони, притоа правејќи разлика, на пример, помеѓу убави човечки лица и визуелни уметнички дела. За оваа цел се земени предвид резултати од 49 претходни студии и се испитани 982 учесници на кои им биле прикажувани слики од лица и од познати сликарски дела додека тие биле поставени на машина за магнетна резонанца.
Регионите кои се активирале при гледање на лица и слики биле различни, што ја подрива идејата за заеднички центар за убавина. Убавината според овие резултати е плурална и доволно хетерогена за да не може да се подведе под еден единствени именител. Што точно значи, од практичен аспект, тоа што убавината би можела да биде не едно, туку десет нешта, тоа се уште не е јасно. Веројатно ќе поминат доста години пред да имаме нешто како невронаука на естетиката, која ќе биде прифатена и од медицинските лица и од оние од општествените науки. Но тоа не е пречка до тогаш да уживаме во необјаснивиот процес на тонење во убавината на лицата и на глетките.