Мајкл Полан, писател и новинар, има нова книга, која засега е само во аудио формат - „Како кoфеинот го создал модерниот свет“. Во неа тој ја истражува историјата на кафето, и неговиот „роднина“ чајот, а ги документира и сопствените искуства на откажување од кафе, кои биле тешки иако пиел релативно мали количества. „Ми требаше цела недела пред да можам да напишам обичен, колку-толку разбирлив мејл“, вели тој.
Подемот на кафето во Европа тој го поврзува со просветителството, периодот од 17-19 век, кога луѓето пиеле повеќе алкохол од вода со образложение дека ферментацијата е истовремено и процес на дезинфекција, па оттаму е похигиенски да пиеш вино отколку вода. Но додека некои обврски можеле да се вршат и малку „фатен“, сè поврзано со бројки, јазик и управување со машини морало да се прави трезен. Оттаму, исто така „дезинфицираните“ кафе или чај, кои истовремено ги немале нуспојавите на алкохолот, станале посакувана алтернатива.
Тие исто така имале и социјален ефект - собирање во кафе салони и на чајанки кои станале места за дружење, но и за договарање бизнис зделки. „Тешко е да се замисли индустриската револуција без кофеинот“, вели Полан.
И покрај зависноста која ја предизвикува, тој има и свои добри страни - поголема фокусираност и продуктивност, барем во текот на работното време. Во наши услови да не ја заборавиме и сцената на која постојано се наидува во сите државни институции, болници, пошти, министерства: додека чекате во ходникот, па макар и неколку минути, како по некое сценарио од „Труманс шоу“ во кадарот мора (мора!) да помине барем една службеничка (да, жена) натоварена со неколку шољи во едната, и ѓезве до врв полно со врело турско кафе во другата рака. Во корпоративниот сектор пак се случува истото ама недостасува колективниот момент - секој си тера со својата (хартиена) чашка од автомат или мала шоља од автоматот за еспресо.
Полан успеал во својот подвиг да се откаже од кафето, но само до момент кога се нашол во Скандинавија во декември. Кога сфатил дека се стемнува во 2:45 попладне, одлучил да се врати на старите навики.