Иако ова денес звучи необично, Мурат Четврти не е ни првиот ни последниот кој го забранил пиењето кафе, само бил најбруталниот и најуспешниот во овој поход. Помеѓу раниот 16-ти и доцниот 18-ти век, личности кои денес би ги нарекле верски „инфлуенсери“, но и секуларни водачи, голем број од нив од Отоманската империја но не и само од таму, имале нешто против кафената течност.
Една од нивните причини се благите ефекти на кафето врз телото и умот, што го дефинирало како вид наркотик. Но уште поважно било што заедничкото пиење кафе одело рака под рака со муабет, а муабетот поттикнувал опасни мисли, на пример такви за свргнување на царот.
Првите историски докази за мелење зрна кафе и негово варење датираат од 15 век, од Јемен. Барем така тврди Ралф Хатокс во „Кафе и кафеџилници“, во која тој ги опишува постапките на подготвување кафе на суфи муслиманите за мистични обреди, кои го зајакнувале братството и предизвикувале блага духовна интоксикација. Пијалокот набргу се проширил низ земјите крај Црвеното море, пристигнал во Истанбул во раните 1500-ти а од таму во хриситјанска Европа во текот на следниот век.
Но не биле само конзервативните муслимани против кафето - во Европа имало случаи верски водачи да бараат од Папата да го забранат како „сатански новитет“. И тие велеле дека кафеаните биле природни магнети за недолични однесувања, како коцкање или проституција. Токму ваквите, политички причини биле и главните зошто и световните власти биле против кафето. Пред отварањето на кафеаните немало многу места за собирање на луѓето по градовите, а уште помалку такви каде тие можеле лежерно да оговараат и да ги оправаат политичките проблеми на својата земја. Токму ваквите места нуделе евтин начин на релаксација и дружење, каде никој никого не брзал - кафето се крчкало 20 минути во посебен бокал, а потоа било толку јако за пиење што тоа морало да се прави само во мали голтки. Овој нов простор бил податен за мешање на класите и за поттикнување на луцидни разговори.
На елитите ова не им се бендисувало. Ќатип Челеби, отомански научник од 17 век, државен бирократ од богато семејство, ги презирал кафеаните како места кои ги отргнуваат луѓето од нивните работни места и каде сите, од принц до просјак, се забавуваат со тоа што меѓусебно си забиваат ножеви.
И покрај спорадичните казни и забрани сепак кафето било толку популарно и важно што ниту една санкција не помогнала. До крајот на 16 век дури и отоманскиот суд имал официјален кафекувар, а стотиците кафани во Истанбул биле прогласени за законски. Културата на пиење кафе ги победила верскиот и политичкиот конзервативизам, и сега живееме во свет во кој тоа владее со социјалните односи, и нема загубено ништо од онаа важност во таа смисла која ја имало и пред векови.