Како ефектно да формулираш забрана?

Еден мит со децении кружи низ националните паркови во САД - дека секој кој нелегално ќе земе парче фосилизирано древно дрво од таму ќе биде доживотно проколнат. Стотици луѓе кои го сториле ова подоцна зажалиле за делото и го вратиле украденото, заедно со писма во кои го изразуваат своето каење. Но една промена во тактиката на парковите почнала драстично да го намалува бројот на кражби.

Роберт Чиалдини, професор по психологија на Универзитетот Аризона Стејт и визитинг професор по маркетинг и бизнис психологија на Стенфорд, специјализира во областа на убедувањето. Бил меѓу купот други бихејвиористи кои учествувале во претседателската кампања на Барак Обама. Има напишано неколку бестселери, меѓу кои „Влијание: наука и пракса“ и „Психологијата на убедувањето“. 

Тој и неговите колеги пред неколку години направиле студија во тн. Скаменета шума, дел од Националниот парк во Аризона, анализирајќи како одредени знаци и пораки влијаат врз однесувањето на посетителите.

Претходно, паркот имал поставено табли на кои биле прикажани неколку луѓе како крадат скаменето дрво со текстуална порака која се заканувала со казни. Сепак, самиот факт на прикажување на ваквиот чин како да го промовирало истиот, односно им давало вакви идеи и на оние кои претходно ги немале - и тие нешто да „џапнат“. Истражувачите стратешки поставиле фосили веднаш до овие знаци, и заклучиле дека по ова кражбите тројно се зголемиле.

Но кога знаците прикажувале само еден човек кој краде фосили, таа слика го маргинализирала и стигматизирала поединецот и делото. Кражбите на местата со вакви слики двојно се намалиле. Ова е огромна бројка имајќи предвид дека на годишно ниво тука поминуваат 600-800.000 луѓе.

Ова поттикнало и поширока акција на отстранување на негативните пораки. Во претходно видео на влезот во паркот била прикажувана симулација на апсење на крадец. Сега таа сцена е извадена и наместо тоа филмот се фокусира на научните истражувања кои се одвиваат во паркот и важноста на фосилите за истите. 

Ова не значи дека кражбите се сосема искоренети и дека верувањето во „клетвата“ која ги следи сторителите ја загубила својата моќ. Но горниот експеримент е показател на тоа дека начинот на пренесување на порака за забрана може да има и сосема спротивен ефект - наместо да превенира, да поттикне одредено непожелно однесување.

Поврзано:
Книга со покајнички писма за - украдени камења

10 октомври 2023 - 17:22