Мел Бланк е веројатно еден од најдобрите модерни примери на виртуозност. Тој им ги позајмувал гласовите на повеќе од 1000 ликови, меѓу кои најпознати се оние од цртаните на Луни Тјунс - Дафи Дак, Порки Пиг, Јосемајт Сем, јазовецот Пепе и Багз Бани или Душко Долгоушко. Бланк имал репутација на воркохолик, сосема оправдана, бидејќи за него било сосема вообичаено да трча од студио до студио во Лос Анѓелес синхронизирајќи цртани и истовремено да работи на 18 радио програми неделно. Сè до еден ден во 1961, кога му се случила страшна несреќа.
Додека возел долж Сансет булевар тој се судрил со друга кола на тн. Dead Mans' Curve, кривина која го добила своето име поради честите сообраќајки кои се случувале таму. Едвај го извадиле од автомобилот и го сместиле во болница, каде две недели бил во кома. Шансите кои му ги давале докторите да се разбуди биле 1:1000. Некои од големите весници веќе имал подготвено некролог под наслов „Умре Душко Долгоушко“.
14 дена по несреќата, еден од невролозите на Бланк влегол во просторијата и се обидел да го анимира со нов пристап. Дошол до креветот и прашал: „Багз Бани, како е денес?“
Следела пауза во која луѓето во просторијата само одмавнувале со главите. Но по некое време се слушнал слаб глас: „Мееех. Што се случува шефе?“
Охрабрен докторот продолжил. „А Твити тука е?“ Повторно добил одговор, но сега со соодветниот глас на жолтата птица.
Од тогаш Бланк се разбудил. Почнал да комуницира и иако ги поминал следните седум месеци во речиси целосен гипс, набргу почнал повторно да снима. Го позајмил гласот на Барни во првите епизоди од „Кременковци“ додека лежел во кревет, со микрофон кој висел одозгора.
Дваесет и три години подоцна во телевизиско шоу посветено на неговата кариера, бил повикан истиот доктор кој ја раскажал приказната, констатирајќи дека „Душко Долгоушко му го спасил животот на пациентот“. Ова можеби и не е само метафора, бидејќи според мислењето на невролозите прашањето на докторот претставувало некој вид повик, онаков каков што тој постојано добивал кога му доаѓал редот за настап или за читање пред микрофон, она во што го минувал речиси сиот свој живот. Кога починал, во 1989, на неговиот гроб е впишан текст - „Тоа е сè народе“, репликата која ја изговара прасето Гицко на крајот од секој цртан.
Види претходно: Анализа на цртаните на Луни Тјунс