Би-бииип

Видео анализа на цртаните од Луни Тјунс

Во наше време дали си повеќе за Дизни или за Луни Тјунс беше еднакво на дилемата Битлси или Стоунси. Покрај сите технолошки керефеки кои ги содржат денешните цртани филмови, класиците од двете цртачки студија остануваат токму тоа - антологиски дела, вредни за анализа од повеќе аспекти, од педагошки до културолошки.

За Тони Зу и неговите визуелни анализи на тишината како филмска категорија или за тоа како да прикажеш дигитални преписки на филм сме пишувале и претходно. Ова е негов видео есеј за еволуцијата на карактерите на аниматорот Чак Џонс, кој за Ворнер Брос. работел речиси 30 години.

Анализата е повеќеслојна и сериозна - бинарната шема на нарацијата (претпоставка наспроти реалност), карактерите на ликовите и начинот на којшто тој се отсликува низ нивните движења, но и моментите на намерно прекршување на формулата, кога Џонс се фаќал во костец со предизвиците на новото, а сепак останувал доследен и дисциплиниран.

Погледнете го видеото (8:53) и потоа со други очи ќе ги гледате и цртаните со којотот, Душко Долгоушко, мачорот Силвестер или јазовецот Пепе.

Chuck Jones - The Evolution of an Artist from Tony Zhou on Vimeo.

19 јули 2015 - 12:16