Букбокс гледанка: „Тензинг“ или приказната за шерпасот (2026)

Филмот на Џенифер Пидом ја враќа заслугата на Тензинг Норгај, алпинистот чие знаење за планината и извонредните вештини биле клучни за историското искачување на Монт Еверест во 1953 година. На моменти преромантичен и предвидлив, тој во себе сепак ја вклучува важната дискусија за британскиот (и секаквиот) империјализам и луѓето во сенка што ја овозможувале неговата моќ.

Во 1953 година, Новозеланѓанецот Едмунд Хилари и шерпасот Тензинг Норгај заедно стигнале до врвот на Монт Еверест, највисокиот планински врв над морското ниво во светот, со своите 8.848 метри. Но, во приказните што со децении се раскажувале за ова историско достигнување, заслугите често биле припишувани пред сè на Хилари, додека Тензинг бил прикажуван како негов придружник – речиси како верен слуга што го следи својот господар.

„Тензинг“, насловен токму по човекот кому му оддава признание, се обидува да ја исправи токму таа неправда. Наместо да ја раскажува експедицијата од перспективата на британските организатори и западните алпинисти, тој го поставува шерпасот во средиштето на приказната, како човек чие искуство, познавање на теренот и исклучителни способности го направиле незаменлив дел од експедицијата.

Тензинг го игра Генден Фунтсок, актер со тибетско потекло, а Едмунд Хилари е Том Хидлстон. Преку флешбекови, филмот нè враќа и во детството на Тензинг, откривајќи ја неговата рана фасцинација со планината и со луѓето што се обидувале да ги совладаат нејзините височини.  Во почетните сцени се појавува и легендарниот британски алпинист Џорџ Мелори, кого Тензинг го среќава како дете. Неговата љубопитност, природната умешност и добродушноста постепено го претвораат во неопходен член на различни алпинистички експедиции, а на крајот и на британската експедиција предводена од Џон Хант (Вилем Дефо).

Стрмните падини, ризичните премини и постојаната близина на смртта создаваат напнатост, но суштината на филмот не е само во физичкиот подвиг. Ова не е типична приказна за машко пријателство во кое двајца херои, и покрај разликите, стануваат неразделни другари - повеќе станува збор за љубовната врска меѓу Тензинг и планината и за долгогодишната опседнатост што го водела кон неа.

Обидот да се стигне до врвот на Еверест во првата половина на 20 век сепак не бил само алпинистички предизвик, туку и прашање на национален престиж и империјална моќ. Британците со децении го доживувале освојувањето како своја недовршена мисија од времето на Мелори, а успехот во 1953 година требало да ја потврди нивната водечка улога во светското планинарење, само четири дена пред крунисувањето на Елизабета Втора. Но, кога во 1952 година швајцарската експедиција, со Тензинг Норгај и алпинистот Рејмон Ламбер, се приближила на околу 250 метри до врвот, британскиот притисок станал уште поголем: Французите веќе имале дозвола за експедиција во 1954 година, а Швајцарците се подготвувале за нов обид потоа. Британците затоа организирале далеку посистематска експедиција, предводена од воениот офицер Хант, со обемна логистика и внимателно испланирана стратегија. Во оваа трка, Тензинг бил истовремено незаменлив носител на локално знаење и искуство и човек чиј придонес лесно можел да биде засенет од националниот наратив на победниците (ништо подобра не е ни ситуацијата на Хилари кој е „Киви“ односно Новозеланѓанец). Затоа неговата приказна отвора и пошироко прашање: кој добива признание за историскиот подвиг кога знаењето и трудот на локалните жители се впрегнати во амбициите на големите сили?

Филмот на моменти е пре-предвидлив, направен по сите стандарди на херојските приказни (опсесија-соочување со предизвикот-смртна опасност-победа). Сепак, неговата приказна е важна токму поради последниов аспект, и фактот што конечно ги става ликовите како Тензинг во центарот на историјата. 

Илина, Букбокс

17 октомври 2026 - 10:19