Солта наша насушна

Ја користиме без да размислуваме за неа, но поради неа се граделе градови, се отворале рудници, се создавале трговски патишта и политички монополи. Изложбата „Сол: дизајнерска приказна“ во Музејот за дизајн во Атланта ја раскажува историјата на цивилизацијата преку еден од нејзините најобични, но и најважни материјали.

Малубројни се супстанците што денес изгледаат толку банално како солта. Но, ако историјата се погледне низ нејзините бели кристали, сликата е сосема поинаква: солта определувала каде ќе никнат населби, по кои патишта ќе се движат каравани, како ќе се чува храната и кој ќе собира даноци.

Токму оваа неочекувано голема приказна ја раскажува изложбата „Сол: дизајнерска приказна“, поставена во Музејот за дизајн во Атланта од јули до крајот на октомври 2026 година. Таа ја третира солта не само како храна или минерал, туку и како двигател на инженерството, архитектурата, трговијата, политиката и графичкиот дизајн. 

Солта ја има во морето, во солени извори и езера, како и во огромни подземни наслаги. За да се извлече, биле потребни базени за испарување, канали, рударски окна, системи за транспорт и складирање. Така настанувале пејзажи што изгледаат како природни чуда, а всушност се резултат на човечка работа. Во Марас, во перуанската Света Долина, минералната вода се насочува низ стотици мали терасести базени, каде што сонцето ја испарува водата и ги остава кристалите. Во австрискиот Халштат, пак, солта се експлоатирала уште пред илјадници години, создавајќи богатство што оставило длабока трага врз локалната заедница и нејзината историја.

Пред фрижидерите и современите методи за конзервирање, солта била неопходна за зачувување на храната. Месото и рибата можеле да се чуваат подолго и да се транспортираат на големи растојанија, што ја претворило солта во стратешка стока. Во Западна Африка, на пример, каравани камили со векови ја пренесувале солта од Сахара кон југ, каде што се разменувала за злато и други производи. Контролата врз рудниците и трговските патишта значела и контрола врз богатството. 

Но, приказната не завршува со рудниците и трговијата. Солта има и своја историја на брендирање. Во 1914 година, американската компанија Мортон го претставила денес (за Америка) препознатливото девојче со чадор, кое оди низ дождот додека од пакувањето под мишка непречено истекува сол. Илустрацијата ја рекламирала способноста на производот да остане растресит и во влажни услови. Ликот со текот на времето бил редизајниран, но останал препознатлив повеќе од еден век – пример како обична стока може да добие траен визуелен идентитет.

Изложбата ја вклучува и солта во светот на секојдневниот дизајн, преку колекција соларници и пиперници од Музејот на соларници и пиперници во Гетлинбург, Тенеси. Меѓу нив има животни, автомобили, минијатурни згради и намерно кичести сувенири. Тие се доказ дека и најобичните предмети можат да раскажат приказни за вкусот, хуморот, домашниот живот и потрошувачката култура. Нивната функција е речиси секогаш иста, но нивниот изглед открива колку различни начини на изразување можат да се најдат во нешто толку мало.

Посетителите можат и да пробуваат сол од различни делови на светот. Различните текстури, бои и вкусови потсетуваат дека солта не е секогаш генерички бел прав, туку производ со конкретно потекло и начин на производство. Во време кога малите производители повторно ги оживуваат традиционалните техники и регионалните вкусови, солта добива нешто налик на статусот на виното или сирењето: зад неа стојат пејзаж, занает и локална историја.

19 октомври 2026 - 08:56