Антипсихијатрија и филозофија

Како да разберам човек?

Нова книга од македонски автор во питок формат се обидува да одговори на прашање кое во суштина гласи - како воопшто нешто да разберам?

Р. Д. Лејнг бил откачен тип. Некои би рекле дури и - луд. Иако психијатар кој целиот живот се занимавал со менталните проблеми на другите, во приватниот живот бил алкохоличар, страдал од депресија и имал крајно нестабилни односи со пријателите и семејството (шест синови и четири ќерки од четири жени). Во 1987, две години пред смртта, пациент го обвинил за пијанство и за физички напад, по што неговото име било избришано од регистaрот на британски лекари. Држел некакви сесии за „повторно раѓање“ и одел на духовни патувања во Шри Ланка и во Индија. Бил нарекуван радикален левичар и анархист, а подоцнежните дела му биле масовно дискредитирани од мејнстрим психијатријата.

И не е ни чудо кога ќе се земат предвид неговите тврдења дека нејзините теории се производ на утописка, романтичка имагинација - „интересен музеј на артефакти без современа релевантност“. Тотално несоодветна за разбирање на другиот, па оттаму и за третирање на неговата отуѓена, измачена душа. „Ако човештвото преживее, луѓето од иднината ќе гледаат на нашата просветлена епоха како на доба на Темината. Тие веројатно ќе бидат во можност да уживаат во иронијата на ситуацијата со поголемо задоволство од она кое ние може да го почувствуваме. Ќе сфатат дека она што го нарекуваме ’шизофренија’ била само една од формите во која, често низ сосема обични луѓе, светлината почнала да пробива низ пукнатините на нашите премногу затворени умови“, напишал тој во „Политиката на искуството“.

Оттаму, тој е вброен во анти-психијатриското движење, кое го смета психијатриското „лечење“ за штетно и за инструмент на опресија кој произлегува од нееднаквата релација на моќ помеѓу докторот и пациентот. Тврдел дека оваа гранка на медицината не треба да се занимава со дијагностика и третман, туку со реално разбирање на другиот, на неговата специфична животна ситуација во одреден општествен и историски контекст, при што чувствата на „пациентот“ не се медицински симптоми, туку валидни описи на искуства. Сепак, разбирањето на другиот подразбира не само подготвеност да се нурне во најмрачните негови аспекти, туку со тоа да се фрли светина и на она лигавото, мачното, тегобното и во сопствената личност, која во другиот може да се види како во огледало.

Токму тука е спојката (јазолот, вмрежувањето) на неговата филозофија со онаа на егзистенцијалистите, особено на Сартр. Нова книга под наслов „Како да разберам човек?“ од Бранко Саркањац ја анализира оваа врска, чиј најсилен столб е тврдењето дека соматско-психијатриските растројства се всушност метафизички (односно филозофски). Со други зборови - нема луди луѓе, има само екстремно отуѓени, за чие разбирање е одговорен секој од нас поединечно. „Човек е одговорен за сите луѓе“, вели Сартр, не во смисла на патронизирање и преземање на одговорноста во нивно име, туку напротив, во смисла на враќање на одговорноста во рацете на оној кој е лишен од правото и обврската да ја има, па со тоа лишен и од правото воопшто да постои како човечко суштество.

Но, освен темата на книгата која веројатно би им била интересна само на оние од областите до кои таа се допира, она што е специфично е нејзината структура. Со повеќе од 500 фусноти на 190 страници, таа е сепак читлива и разбирлива заради една навидум ситна, но ефектна финта - поделбата на текстот на многу мали делчиња, со наслови кои ја отсликуваат содржината, но кои истовремено звучат како селф-хелп максими или мотивациски слогани. Така, ако книгата се чита само преку нејзината содржина се добива нешто од следниов тип: „Животот е во надминување на ситуации“, „Се остварувам пред другиот“, „Јас се произведувам себеси“, „Непростлива грешка е што не се прашуваме“ итн.

За да се добие впечаток за ефектот кој го има ваквото стилско дизајнирање, кое прави и релативно тешката филозофска лектира да делува питко, извадок од неа, за фаст фуд интроспекцијата и „гадноста“.

****
(извадоци од „Како да разберам човек?“ на Бранко Саркањац)

Fast food ѕиркање во себе

Во таква култура на екстроспекција во најголемиот дел само консумираме и реагираме површно. Повеќе од половината читатели на интернет-портали коментираат само на прочитан наслов. Не бараме поиздржани аргументи, ниту пак сме подготвени да дадеме издржани аргументи за нашите постапки пред други. Нема платоновски дијалози, протагорејски размислувања пред спиење. Се задоволуваме со фаст фуд ѕиркање во себе – дневниот хороскоп и квизот на Фејсбук се доволни.
Не се занимаваме со себе и уште помалку имаме време да го поставиме прашањето: како можам да разберам друг човек?

Хуманизмот исчезнува со комунизмот
Го нема бунтовништвото

Има во ова еден „Zeitgeist“ аспект. Се работи за историската идеолошка трансформација која донесе промени и во филозофското промислување при крајот на дваесеттиот век. Тука може да се лоцира еден проблем кој е во директна врска со агонијата и крајот на најголемиот историски проект на овој век и современата историја и човештво.

Што се случи по падот на Берлинскиот ѕид? Укинувањето, падот, „пропаста“ на комунизмот како политички или идеолошки систем − како што укажува рецентната ситуација во земјите на „некогашниот социјализам“, или како што уште незграпно се нарекуваат земји на транзиција – ги укина хуманизмот, револуционерноста, бунтовништвото, ја укина критиката на капитализмот; истражувањето на влијанието на логиката на капиталот врз секојдневниот живот престана да биде интересно за дисциплините што се занимаваат со душата, менталното здравје.

Денес хуманизмот се замени со човекови права и со корпорациска одговорност. И тоа станува бесмислено. Бегалската криза во 2015 и 2016 година нè соочи се неспроведливоста на човековите права, со еден бирократизиран хуманизам и со егоизмот и нарцизмот на Европеецот. Корпорациите немаат одговорност спрема бегалците. Би рекле дека на овој план речиси ништо не се сменило од времето на Сартр. Неолиберализмот се покажа како нечовечен.

Од друга позиција кажано, едно од прашањата кое се постави веднаш по „победата на либерализмот“ беше дали отфрлањето на идеите на хуманизмот кои, со право или не, се поврзани или се поврзуваат со комунизмот (и со тоа се сметаат за истрошени или извитоперени) подразбира и застареност на идеите, критичноста и општествениот ангажман на мислителите на репресијата (каков што е Лејнг, заедно со Купер, Базаља, Сас, Фуко и др.) и нужност и реалност тие да се отфрлат, или, пак, напротив, нивна актуелност?

Дали може да ја откриеме нивната актуелност и на тој план, и во рамките на тој генерален напор да се види, пронајде, анализира влијанието на егзистенцијализмот на Сартр врз нив, а пред сѐ врз Лејнг, особено на планот на репресијата и отуѓувањето, и да се покаже во која мера неговите анализи на овие прашања се наметнуваат како повторно живи и пробудувачки?

Можеше да се претпостави дека отфрлањето на идеите на хуманизмот со прифаќањето на поразот на комунизмот е опасно и дека ќе биде најприсутно во земјите на некогашните социјалистички и комунистички државни уредувања. Во нив, на почетокот (на „револуцијатата“) „јасните“ определби на хуманизмот, слободата и човековата среќа, подоцна, во продолженото остварување на идеологијата, сеги имаат сосема излитено и депласирано, оставајќи му го само цинизмот на односот на обичниот човек кон нив, а кои сега, збунети од апстрактните определби на демократија и слобода, во нејасните напори да го структурираат „новиот поредок“, го сведуваат животот (сопствениот и на другите) на партикуларни мотивации.

Тоа е ситуација која некои коментатори денес ја гледаат како општество без вредности, во кое владее неморал, распојасаност и сл.

Другиот во неговата најнедофатлива појавност

Затоа е важно да се истражи можноста за воведување на, или враќање кон, човечките вредности во ова духовно подрачје преку еден филозофски бајпас, еден вид маневра за да се заобиколат предрасудите и мисловната клима во која проблемите на човечноста, отуѓувањето, мистификацијата, преку повикувањето на долгиот период на неуспешно политичко воведување, погрешно, или грубо се поистоветуваат со еден, на планот на идеолошкото остварување, неуспешен марксизам и се отфрлаат.

А уште тогаш, по само 5-6 години транзиција, се наметна барањето, заради враќање на вредностите или за воведување нови, политичко-идеолошкиот дискурс да се замени со оној филозофски кој вака укинатото (или заборавеното) ќе го воведе и актуализира токму таму каде што репресијата, отуѓувањето најчисто се гледа, каде што идеолошката мистификација е разобличена со откривањето на замаглувачкиот однос на поларизирање на две спротивставени идеологии, каде што политичката мистификација, без маската на поларитетот демократија–тоталитаризам, е дадена во почист облик − имено, таму каде што се соочуваме со другиот во неговата најнедофатлива појавност − лудилото, односно со метафизичкиот, филозофскиот, социјалниот контекст на лудилото.

Човековата гадост

Преку интерпретацијата на егзистенцијализмот на Сартр од страна на Лејнг, односно преку антипсихијатрискиот praxis на Лејнг, препрочитаниот Сартр и неговиот егзистенцијализам го имаат потенцијалот на една животна филозофија на која може да ѝ се обрати изгубениот поединец. Оттаму, делото на Лејнг е еден клуч во кој треба да се чита Сартр.

Предметот/субјектот на егзистенцијализмот на Сартр е предметот/субјектот на антипсихијатријата на Лејнг. Тоа е „човекот, поединецот во општественото поле... среде други поединци“; отуѓената, постварената, мистификуваната личност, која се наоѓа во конкретен општествено-историски контекст. Како што вели Сартр, онаа личност каква што ја направиле поделбата на трудот и експлоатацијата (на ова би додале, како што ја направил новиот светски поредок), но која се бори против отуѓувањето, служејќи се со извитоперени инструменти.

Предмет на антипсихијатријата на Лејнг е токму таквата личност. Таа се внурнува во најтемните човекови искуства за да ги покаже за здравиот разум невидливите искри и извори на светлина, да ги разбере тие „извитоперени инструменти“. Егзистенцијализмот го отвора и покажува лигавото, мачното, тегобното, сивото, грубото и грдото. Приговорот дека егзистенцијализмот ја нагласува човековата гадост, дека ја покажува нечистотијата, тињата, лепливоста, лошата страна на животот, за Лејнг бил повик да оди токму по тој пат на кој на секој чекор се сретнува човековата мака.