„Како да не се убиеш: портрет на самоубиствениот ум“ од Кленси Мартин е негова нова биографија, посветена на сите оние кои се обиделе да извршат самоубиство или се бореле со вакви мисли.
„Бескрајно сум среќен што не умрев како последица на некои од моите (десет) обиди“, вели Мартин. Директорот на Националната линија за превенција на самоубиства на САД, Џон Дрејпер, му има кажано дека секој оној кој преживеал ваков обид има „супермоќ“, бидејќи разбира што значи да страдаш на тој начин и е во позиција да им помогне на други кои минуваат низ нешто слично.
Мартин е автор на десетина книги од областа на филозофијата и ги има преведувано Ниче и Кјеркегор. Тој е професор по филозофија на Универзитетот Мисури во Канзас сити и на Универзитетот Ашока во Њу Делхи, Индија.
Во интервју за НПР тој објаснува дека самоубиството е се уште табу тема, многу повеќе отколку што тоа денес се сексот или смртта општо. Табуизирањето и стигматизирањето не само што не помагаат туку кај некои луѓе имаат спротивен ефект, создавајќи аура на привлечност во помислата за самоубиство. Но кога ќе се сфати дека многумина во некој период од животот имале таква мисла, таа веќе престанува да биде толку „ексклузивна“.
Kнигата, која излезе на 28 март, од критичарите е оценета како интимна, луцидна и на моменти дури и хумористична анализа на тоа зошто мислата за самоуништување за многумина е толку компулсивна. Авторот особено се задржува на искуствата на неколку големи книжевни умови како Дејвид Фостер Валас и Рјуносуке Акутагава, како и на тоа што има да каже на оваа тема историјата на филозофијата. Резултатот е комбинација на мемоар со критички пристап кон темата, но и со (парадоксално) оптимистична нота - дека како и другите самоуништувачки пориви и желбата човек да се убие е речиси секогаш привремена и може да се одбегне.