Да живее пембе овцата: „Диџеј Ахмет“ низ призмата на еден етнолог

Во источна Македонија живее група турско, муслиманско население, со карактеристична женска носија во „пембе“ бои. Се викаат Јуруци, но во македонската етнологија нивното име и обичаи не би биле толку познати да не е етнологот Елизабета Конеска. Таа од 2002 до денес, значи повеќе од дваесет години, ги следи промените во оваа заедница и е првиот човек на кого помислив кога слушнав дека се снима игран филм, во кои ликовите се токму од јуручките села. На првиот ден од неговото кино-прикажување во Синеплекс, таа беше и првата на којашто и пишав дали сака да го гледаме филмот.

На ден по премиерата на „Диџеј Ахмет“ во Синеплекс, на проекцијата се собравме мало друштво. Но Бети сакаше да седи сама, можеби затоа што беше настината, а поверојатно затоа што едноставно беше превозбудена. Исто толку возбудена беше и на излегување, а тоа ни беше етнолошки важно, за да знаеме дали филмот, иако е игран, не го користи живописниот социјален пејзаж на оваа заедница само како шарен декор, туку сепак е во дослух со нејзината реалност. А кој тоа би можел да го процени подобро од неа?

Така се случи и овој разговор-интервју со Елизабета (Бети) Конеска, етнолог.

Со твојата долгогодишна работа помеѓу јуручката заедница, за која имаш снимено документарни филмови, дали можеше да го препознаеш физичкиот предел, но и социјалната атмосфера во која се одвива овој филм.  Иако приказната е, нели, фиктивна, сепак позадината е тоа дека Ахмет е Јурук, а тоа е културно сензитивен момент кој во игран филм може да биде или испочитуван или, со речникот на политичката коректност, „културно присвоен“. Како го оценуваш филмот во таа смисла?

Декорот или сценографијата одбрана за филмот е најдобрата. Двете села, Аликоч и Коџалија наблизу едно со друго, се селата со најбројно јуручко население. Специфични по позицијата, поставени на висорамнински делови од планината Плачковица, имаат извонреден поглед наоколу. Колку што забележав, за среќа, делови од шумата каде што се гробиштата и се почитуваат како „свети“ места се се уште зачувани. Во филмот се прилично изразито истакнати и дабовата „света“ шума и „лебдечките“ амбиенти на висорамнините, кај голчето и самотното дрво над селото Коџалија. Што се однесува до социјалниот амбиент, прилично коректно, па и автентично. 

Суптилната критика на патрихарјалноста и општествените норми често беше ублажена со хумор, па тоа не се почувствува како навреда (на пример заостанатоста на оџата, однесувањето на девојките итн.). Имаш ли и ти ваков впечаток?

Сега веќе влегуваме во филмот и почнува мојата возбуда на оваа тема, скоро идентично како и пред да започне прикажувањето на филмот во Синеплекс. Од се што предходно бев чула, од подготовките за филм за Јуруците што ќе го снима Георги, а потоа следењето на успесите што ги постигнуваше Диџеј Ахмет, не беа ни приближно блиски до она што го доживував додека го гледав. Впрочем, кога од синопсис на филм или од нечие раскажување можете да знаете како изгледа филот ако не го гледате. 

На почетокот, прво се „штрекнав“ со јазикот. Не беше баш јуручкиот дијалект, но потоа се појави оргиналот, дијалектот на Ахмет и неговата глума. Тоа понатаму низ филмот ми ги оправда сите зборувања на локален турски, а не само на јуручкиот. Постепено филмот ме придобиваше и со темите што се загатнати како и начинот на кои се тие прикажани. Доминацијата на таткото, патријархатот, борбата на девојчињата/жените за еманципација, а се тоа проткаено со топлина и многу емоција и со хумор. Што е проткаено и во ликот на оџата, генерација на која не и е едноставно да се справи со сите современи предизвици.

Ширењето на звукот на Виндоус 95 преку звучниците на минарето наместо гласот на езанот, е една од позначајните универзални пораки и затоа не треба да се доживее како навреда или кршење на општествени норми. За мене единственото место каде што сега незапирливо се шири и се пренесува борбата меѓу доброто и злото е токму тоа - социјалните медиуми/интернетот. Во тој контекст би ја ставила и вметнатата пембе овца (омилената јуручка боја), како метафора за различноста и потребата за отскокнување, за рушење на бариерите.

Филмот, без оглед дали е за Јуруци или за северно-американски Индијанци, има универзални пораки. Љубов, семејни односи, соништа на младите. Како живеат реалните млади Јуруци во Македонија? Дали е можно Ахмет навистина да е дел од нив, би се препознале ли и тие во него?

Мислам дека многу би се препознале. Највеќе во соништата да бидат нешто друго од тоа што се. Ним им се ускратени основните потреби, како што е на пример образованието. Познавам повеќе примери како во случајот на Ахмет таткото да одлучи детето да не се школува понатаму. Момчињата главно да работат и да заработуваат за семејството, а девојчињата заради одбегнување дополнителен трошок или за да не тргнат по „лоши патишта“. Без општествена инволвираност, физички и социјално прилично изолирана оваа заедница не само што е недоволно интегрирана туку е и изложена на разни лесно достапни и манипулативни предизвици (како што беше превоз на мигранти, посета на коцкарници итн).

Според режисерот голем број статисти биле токму од селото, што значи дека прифатиле да бидат дел од проектот. Дали оваа заедница е навистина толку отворена за „аутсајдери“, како беше ти примена на самиот почеток?

Прв пат, пред скоро 25 години, кога отидов во Аликоч и Коџалија беше како влегување во нов свет, иако познавав дел од турската култура и зборував турски. Со изложбата на фотографии во Музејот на Македонија 2002 г., што ги направи Роберт Јанкулоски на нашиот прв заедничи терен кај Јуруците, за прв пат беше јавно прикажан овој колоритен свет. Беше неверојатно прифатено дека на само 100 километри од Скопје живее толку шарена и толку непозната култура. На овие фотографии има многу свртени грбови и криења од женскиот свет. Слично беше и при снимањето на првиот филм, „Адак“, само најхрабрите се осмелуваа да ни дозволат да ги снимаме. Но неколку години подоцна бев сведок како почнаа да стануваат свесни за атрктивноста на традицијата и носијата и почнаа да „позираат“ пред апарати и камери.

Животот во заедницата можеби поспоро, но прилично е променет и се менува. Социјалните мрежи имаат големо влијание. Една од загрижувачките појави се малолетничките бракови што не било пракса до појавата и масовната употреба на интернетот. Во однос на професиите и вработувањата, покрај традиционалните, одгледување тутун и чување овци или работење како овчари во други села, голем број од помладата женска популација почна да се вработува во фабриките за текстил, а мажите беа вклучувани во изградба на локалните патишта. Затоа и не ме зачудува фактот дека се вклучуваат секаде каде што имаат можност за заработка. Филмот од  овој тип е веројатно и за нив атрактивно и возбудливо место да се биде ангажиран. 

Убаво ми беше да го гледам филмот, истиот предел, таа шума, дел од тој колорит, повремено и тој дијалект. Дури и овците, скоро истите, им простувам што толку многу ги повторуваат во филмот, не затоа што може да ги оправда фактот што Јуруците со векови биле номади, туку заради победата на слободата и славењето на различноста, на пембето, што е главно изразено и постигнато преку моќта и говорот на музиката. За среќа, веќе има и нови професии, образовани млади, како на пример лекари. Многу ми е мило што слушам дека има дури и драматург?

Му честитам на Георги и на целата екипа од филмот за тоа што го направиле и што го постигнале. 

Илина, Букбокс

Види претходно: Букбокс интервју со Елизабета Конеска: „Без емоции нема добар документарен филм“

7 октомври 2025 - 10:22