„Квин“ имале прва турнеја низ Јапонија во април 1975. Тоа било шест месеци пред објавувањето на нивниот албум „Ноќ во операта“, а тие на токискиот аеродром биле пречекани од илјадници фанови кои го прославиле нивното пристигнување со прослава на традиционалниот „Квин деј“.
Повеќе од четири децении подоцна, бендот и тој албум, вклучувајќи ја антологиската „Боемска рапсодија“, инспирира ексцентричен и амбициозен театарски проект. „Ноќ во кабуки“ е мешавина од рок звуци, јапонска историја и класична трагедија. Прв пат поставена во Јапонија во 2019, претставата овој месец пристигнува поблиску до нас, во Британија.
Режисерот е Хидеки Нода, кој има напишано повеќе од 50 драми, а истовремено е актер и уметнички директор на Токискиот метрополитен театар. Неговата најнова поставка ги спротивставува старото со новото - луксузни кимона и древни мечови заедно со стапови за селфиња, модни списанија и море од балони во шоу полно со кич и хумор. Четворица актери во неа се мега-ѕвезди во татковината, меѓу кои Такако Матсу кој е поп пејач и го позајмува гласот на Елза во јапонската верзија на „Фроузен“.
Претставата ги користи сите песни од славниот албум на „Квин“ но и нивни инструментални верзии. Некои делови се изолирани, како гитарското соло на Меј во Death on Two Legs и удирањето на тапани од ’39 - тонскиот инженер ги користи како замена на врескање на галеби или забрзани потскоци на елени.
Претставата не е лоцирана во Верона туку во Јапонија од 12 век, на почетокот на ерата на самураите, каде Монтеките и Капулетите се претставени преку семејствата Минамото и Тајра. Вториот чин скока во времето за да претстави мрачно поглавје од 20-вековната историја кога јапонските трупи во СССР биле принудени да работат во логори во Сибир како воени затвореници, а голем дел од нив умреле. Една трагедија е спротивставена на друга, но помеѓу има и многу хумор. Крајот на славниот пар исто така не е трагичен, па за разлика од Шекспир, Нода им дава долг заеднички живот, прикажувајќи ни ги заедно и по 30 години.