Ако може да се свири со раце, уста и нозе, зошто тоа да не може да се прави со - јазик? Дизајнерите Карла Дијана и Емили Балц дошле до идеја дека едно од омилените орални задоволства може да се искористи за создавање музика.
Изгледа едноставно: квартет изведувачи лиже сладолед од ванила од 3Д отпечатоци на корнети, поставени на нешто што личи на пиедестал. Музичарите стојат внатре во кутиите и „свират", со тоа што при секој допир на нивниот јазик со сладоледот се испраќа сигнал на плочата Ардуино (бесплатен софтвер и хардвер преку кои може да се контролираат светилки или мотори), чиј софтвер секое вакво движење го претвора во звук.
Во проектот на групата наречена Lickestra (Лижкестар) освен авторите се вклучени и Бјук и Гејс, музичко дуо од Бруклин кое е познато по користењето необични, хибридни инструменти. Музиката која ја компонирале по овој повод звучи како удирање по мразулци или одење по лизгава површина. Вкусот на сладоледот - ванила бил одбран за визуелно да одговара на сценографијата, но Дијана и Балц веќе почнале соработка со Big Gay Ice Cream Shop за да развијат оригинален вкус специјално направен за овој перформанс, кој би требало да се базира на - лути пиперчиња. „Сметавме дека лутината на зачинот ќе инспирира многу пожестока лижачка акција и пострасни изведби", објаснува една од авторките.
На првата изведба и публиката била поканета да ги прикаже своите јазични акробации, од кои некои биле безобразни, други кореографирани на ниво на балет. Општата воодушевеност од резултатите била поттик да се размислува за варијации на темата за спојот на вкусот и слухот, па следните перформанси ќе содржат и гмечење марципан, пиење аудио коктели и метални вилушки и лажици кои би произведувале тонови додека се јаде. Сетилните искуства создадени преку јазикот, забите и устата се и онака магични (освен ако не вклучуваат забарска бушилка), па уште ако тоа е придружено со убава музика, еротското доживување е комплетно.