Првите информации за „угуису но фун“, што во буквален превод од јапонски значи измет од славејче, се од Кореја. Таму оваа супстанца, добиена од брбушки на птица чие латинско име е Horornis diphone, била користена за отстранување на боја од текстил, што овозможувало правење различни шари. Истата примена е преземена и во Јапонија, каде на овој начин се декорирани традиционалните кимона.
Но во текот на периодот Едо (17-19 век), примената е проширена и вклучувала користење на „брбушките“ и за козметички цели. Гејшите и кабуки актерите биле под постојана закана од цинкот и оловото содржано во нивните постари пудри за белење, па кога сфатиле дека и изметот од славејче го дава истиот ефект без да им го загрозува здравјето, почнале масовно да го користат. Истовремено, тоа го правеле и будистичките монаси, за полирање и чистење на нивните избричани глави.
Денес во Токио постои 200 години стара продавница за козметички препарати која е единствената која продава лиценциран „угуису но фун“. Изметот не се собира шетајќи низ природа, туку на посебни фарми за славејчиња, каде во големите кафези се пушта ултравиолетова светлина за да ги убие бактериите. Потоа изметот се суши и во машина и на сонце и се толчи во ситна прав.
Она што ја прави оваа маска посебно ефикасна е високата концентрација на уреа и гванин, суптанци кои можат да се најдат и во други козметички производи но кои тука се ем природни, ем во комбинација со други корисни материи. Славејчето се храни со органски семиња, а изметот и уреата ги исфрла од еден единствен отвор, па оттаму и високата концентрација на уреа во брбушките.
Се вели дека токму со овој препарат Викторија Бекам успеала да ги излечи акните. Во филмот „Огледалце, огледалце“, верзија на Снежана, злата кралица која ја игра Џулија Робертс се подвргнува на екстремни козметички третмани за подмладување, а почнува со ставање птичји измет на лицето.
Сепак, симболиката на угуису не се исцрпува со неговиот измет. Оваа птица во хаику песните ја најавува пролетта, а неговиот повик на Јапонците им звучи како хо-хоке-кјо, што е израз кој се среќава во сутрата Лотус, еден од светите текстови на махајана будизмот. Припадниците на оваа школа го сметаат славејчето за „проповедник“ на сутрата и на неговото присуство и пеење му даваат посебно значење.