Рут Кругер имала осумнаесет години кога се појавила на насловната на весникот Њујорк Ивнинг Ворлд на ден по Валентајн, 1917. Била исчезната два дена.
Таа заминала од дома за да си ги наостри лизгалките, а кога до вечерта не се вратила, семејството повикало полиција. Детективите пребарувале низ маалото, ги испитувале гласините дека Рут имала таен дечко, и зборувале со сведоци кои изјавувале дека ја виделе како влегува во мистериозно такси. Сопственикот на авто-сервисот од каде таа ги подигнала лизгалките, Италијанец по име Алфредо Кочи, им дозволил на детективите да ја пребараат работилницата. Откако не нашла трага со месеци, полицијата излегла со наод дека Рут најверојатно избегала со непознат љубовник. Татко ѝ збеснал, и напишал писмо до градоначалникот, а потоа оддржал и прес-конференција, на која тврдел дека ќерка му е киндапирана. Токму тогаш ја претставил и адвокатката на семејството, истовремено и главен истражувач - жена за која присутните до тој момент мислеле дека е баба на Рут, во црн фустан и иста таква шапка.
Нејзиното вистинско име - Грејс Хамистон. Името под кое подоцна станала позната - Госпоѓа Шерлок Холмс. За два месеци таа ќе стане најпознатиот женски детектив во Америка. А за помалку од една година, веќе никој нема да ја спомнува.
Како веќе возрасна жена, работејќи како учителка во машко училиште, а откако се развела од мажот ѝ, таа посетувала вечерни предавања на правниот факултет во Њујорк, единствената универзитетска установа која во тоа време примала жени. Успеала да дипломира за две години.Од тоа време датира и нејзиниот стил, да носи само црно.
Почнала да ја следи легендарна репутација помеѓу њујоршката сиромашна имиграција. Се бунела за владини одлуки, им помагала на малолетни работници да си ги добијат платите, па дури му вратила загубени скапоцени камења на благодарен странски амбасадор. Откако добила медиумски покриен случај со кој спасила живот на млада Италијанка која убила маж кој се обидел да ја силува, Грејс станала позната како „Пријател на народот“, а наскоро и најзафатениот адвокат во Њујорк. Заради одличните резултати, била прогласена за прва жена-регионален јавен обвинител во САД.
Во моментот на исчезнувањето на Рут, Грејс имала 48 години и изгледала повеќе како библиотекарка отколку како детективка. Профилот пак на жртвата - млада, бела, привлечна, од добро семејство, упатувала на можна трговија со жени, и го поврзувала овој случај со илјадници други девојки кои секоја година исчезнувале од Њујорк и други големи градови, влегувајќи во проституција.Истражувајќи го случајот, Грејс сепак постојано се навраќала на Алфредо Кочи, оној од авто-сервисот.
Тој, откако бил испрашан од детективите исчезнал, наводно од страв дека ќе стане жртвено јагне на властите, на кои им е најлесно да обвинат некој-си-таму Италијанец. Но Грејс си верувала на интуицијата. Го замолила за помош и својот близок пријател, приватен детектив по име Џулиус Џ. Крон. Тој успеал да дојде до сведоштво на некогашна прва сосетка на автомеханичарот, чија ќерка за малку ќе била одведена во подрумот под работилницата од страна на Кочи и силувана да не реагирала на време. Но за да бидат сигурни дека токму на ова место лежи одговорот и на исчезнувањето на 18-годишната Рут, Крон се согласил со идејата да приучи нешто од автомеханичарство и да се пријави во работилницата, на која стоел оглас дека се бара мајстор. Во мрачниот подрум не успеал да види ништо, но паниката на жената на Кочи, која ја водела работилницата во негово отсуство, кога овој влегол во подрумот, укажувал дека тука „има нешто“.
По инсистирање на Хамистон, која про боно работела и по 15 часа дневно на случајот, подрумот е уште еднаш детално истражен, овој пат со копање по ѕидовите. Метар по метар, почнало да станува јасно дека тука веќе некој копал а потоа ги затрупувал дупките. Откриен е женски труп, со исекотини направени со лизгалка и распрачен череп со удар одзади. Хенри Кругер ја препознал ќерка си по прстенот за дипломирање.
Кочи бил уапсен во Болоња и го признал делото. Бил осуден на 27 години робија.
Но работата на Хамистон не завршила тука. Ја обвинила њујоршката полиција за забошотување на случајот, а истрагата што следела открила врска помеѓу Кочи и локалните полицајци. Овој случај ја поттикнал својот интерес да го сврти кон други кои вклучувале исчезнати девојки, а за таа цел ја формирала и Лигата на моралност на Америка.
Она што е необично е дека откако убиството на Кругер ѝ донело национална слава, Грејс Хамистон подоцна исчезнува од архивите - весниците по 1917 никаде веќе не ја спомнуваат некогаш славната „госпоѓа Холмс“.